Државата обезбеди 2,7 милиони евра со кои ќе купи клима-уреди и ќе ги вгради во домовите на ранливите семејства.
– Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува и докажува вистинска грижа за сите категории граѓани, а таа грижа особено се истакнува кај граѓаните од ранливите категории. Секој македонски граѓанин заслужува еднаков третман од државата и достоинствени услови за живеење. Врз основа на Програмата за заштита на ранливите потрошувачи на енергија за 2025 година, објавен е оглас за поддршка на домаќинствата што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија. Огласот предвидува субвенции за инвертер клима-уреди за граѓаните од ранливите категории, кој ќе трае 60 дена и за таа цел, од Владата се обезбедени 170 милиони денари (2,7 милиони евра) – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Станува збор за клима-уреди од А+ класа, со инсталирана моќност од 3,5 киловати, кои ќе бидат вградени директно во домовите, се вели во соопштението.
– Нема веќе принцип „прв дојден – прв услужен“, клима-уредите ќе се набавуваат преку јавна и транспарентна тендерска постапка и ќе се поделат според месечните приходи на домаќинствата, од најниските до највисоките, сè до исцрпување на средствата. Тоа е гаранција дека уредите ќе ги добијат оние на кои им се најнеопходни. На овој начин ќе придонесеме семејствата од ранливите категории да имаат поголем комфор во својот дом како во лето така и во зима – се вели во соопштението.
Од друга страна, се додава, со оваа мерка се интервенира и во делот на заштитата на животната средина, со намалување на загадувањето, особено во периодот на грејната сезона, кога граѓаните ги затоплуваат своите домови.
Освен субвенции за инвертер клими, Владата обезбеди и финансиска од 1.000 денари месечно, во траење од 12 месеци, преку директно намалување на сметките за електрична енергија, се вели во соопштението.
Министерството за енергетика го објави огласот за овие субвенции на својата веб-страница.