Клековски: Интерната комисија располага со потребната документација, супервизијата од странските доктори ќе ја увери јавноста во објективноста

49

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Сашо Клековски денеска изјави дека супервизијата од тројцата странски експерти, иницирана по изјавата на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни операции и стентирања, ќе послужи, слично како и во случајот со Онкологија, за да се внесе дополнително уверување во јавноста дека постапката ќе биде објективна.

Клековски рече дека има целосна доверба во интерната комисија задолжена за изготвување прелиминарна анализа на кардиолошките и кардиоваскуларните интервенции и додаде дека работата ќе биде завршена бидејќи потребната документација е достапна.

„Комисијата има врвни доктори од сите клиники. За повеќето постапки што ние ги финансираме има точно одредени протоколи по кои се постапува. Јас не верувам дека во една 15-члена комисија може да се заташка или да се влијае некако. Во основа, таму методологијата сè уште се дискутира. Едно е да биде по доставени случаи, друго е да се прави слепа контрола на избран пример“,

рече Клековски.

Клековски рече дека тој немал комуникација со професорот Кедев и дека комуникацијата ја води министерот за здравство. Посочи оти верува дека ќе биде многу поедноставно ако има конректни претставки.

„Повторно повикувам – секој еден граѓанин кој мисли дека му е направено и наплатено нешто што не требало да биде направено и наплатено, зборувам за кардиологија и кардиохирургија, да поднесе претставка. Дали тука, дали во Министерство за здравство, бидејќи многу би ја олеснило работата на комисијата ако имаме одредени претставки. Меѓутоа, ние мораме да направиме и слепа проба, штом веќе се отвори расправата, затоа што слепа проба ќе ни одговори колку е масовна таа појава. Овде не е важно само дали има случаи, туку и колку ги има“,

смета тој.

Фондот на денешната прес-конференција информираше за начинот на финансирање на кардиохируршките интервенции. Беа презентирани информации за политиките, буџетите, цените и контролата. Како што беше кажано, Фондот ги финансира здравствените услуги во интервентната кардиологија исклучиво во јавното здравство, додека кардиохируршките и интервенциите во васкуларната хирургија, покрај во јавното здравство, се финансираат и во две приватни здравствени установи.

„Интервентна кардиологија најмногу се работи на Клиниката за кардиологија – Скопје, како и во Клиничката болница (КБ) – Тетово, Специјалната болница (СБ) – Охрид, КБ – Штип и КБ – Битола и во помал обем во Градската општа болница (ГОБ) ‘8 Септември’ и Општата болница (ОБ) – Струмица. Кардиохирургија најмногу се работи во двете приватни болници ‘Жан Митрев’ и ‘Аџибадем Систина’, како и на Државна кардиохирургија, додека васкуларна се работи и на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија. Вкупниот буџет во 2025 година за петте специјализирани болници (Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, СБ – Охрид, ‘Аџибадем Систина’ и ‘Жан Митрев’) изнесува над 2,4 милијарди денари или околу 40 милиони евра, а вклучувајќи ги другите надминува 45 милиони евра. Од тоа, околу 26 милиони евра се во јавното здравство, а 19 милиони во приватното здравство. Буџетот за 2025 година е поголем за околу 400 милиони денари“,

кажаа надлежните.

Директорот Клековски кажа дека во периодот од 2022 до 2024 година имало девет претставки и сите се за приватно наплатени средства. Поради овие претставки извршиле контрола во приватните болници.

„Сите девет претставки се за васкуларна хирургија и сите девет се за приватно наплатени средства. Морам да кажам дека во васкуларната хирургија има листи на чекање и тие некогаш изнесуваат неколку месеци, зборувам за фондовски операции, и некогаш пациентите одбираат да одат преку ред, да не чекат ред, за Фондот и тогаш потпишуваат изјава дека се согласни да бидат оперирани на сопствена сметка“,

објасни тој.

Инаку, во понеделникот, на 26 август, министерот за здравство Азир Алиу оствари средба со кардиохирургот Сашко Кедев на која тие разменија информации во врска со наводите дека се вршеле непотребни кардиолошки интервенции кај пациенти во приватни болници.

Минатата недела д-р Кедев на јавен настап рече дека во приватни клиники во земјава се прават непотребни кардиолошки интервенции со цел да се извлечат пари од граѓаните.

ИЗДВОЕНИ