вторник, февруари 3, 2026
Дома СКОПСКА Кисела Вода со нов чекор против булингот во училиштата

Кисела Вода со нов чекор против булингот во училиштата

29

Во Општина Кисела Вода, денеска, е потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Свети Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора –Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.

Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „Star for life“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – врсничкото насилство.

Од Општина Кисела Вода информираа дека градоначалничката, Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутирале околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.

– Со потпишувањето на овој меморандум, воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот „Star for life“ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и да расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади – изјави Стаменкоска-Трајкоска.

 

 

ИЗДВОЕНИ