Во Кисела Вода е подготвена тридневна празнична манифестација насловена „Новогодишна приказна“, која ќе се одржи од 28 до 30 декември, во паркот „Шопен“. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Антониа Гиговска, „Либеро бенд“ и на Миле Кузмановски со бенд, а празничната атмосфера во овие три дена дополнително ќе ја збогатат диџеј Марио со труба, „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама, како и Бока Конга и Боби Сакс. Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден, со поставени новогодишни куќарки и содржини наменети за посетителите во текот на тридневната манифестација. Општина Центар, пак, ги кани сите граѓани на голема предновогодишна забава – „Вечер под ѕвездите“, која ќе се одржи на 29 декември, на улицата „Боемска 1“ во Дебар Маало. Предновогодишната програма ќе започне во 11:00 часот, со содржини наменети за најмладите, на кои Дедо Мраз ќе им подари новогодишни пакетчиња. Празничната атмосфера ќе продолжи попладне, со зимскиот уличен фестивал „Грин-Џ 2025“. Вечерта, публиката ќе ја загрее диџеј Александар Јорданов, по што ќе следуваат „Брас брадерс“ со електронски етнозвук. За самиот финиш ќе настапи „Либеро бенд“

Општините се подготвени да им овозможат на своите жители претпразнично уживање со многу настани, музички концерти и со претстави, а на најмладите, секако, неизоставен гостин ќе им биде најсаканиот Дедо Мраз.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, заедно со дел од изведувачите, денеска ја најави тридневната празнична манифестација „Новогодишна приказна“, која ќе се одржи од 28 до 30 декември, во паркот „Шопен“.
„НОВОГОДИШНА ПРИКАЗНА“ ЗА СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ
Настанот го модерираше Миро Кацаров, кој воедно ќе биде и водител на целата празнична програма, внимателно осмислена за сите генерации.
Во рамките на „Новогодишната приказна“, посетителите ќе имаат можност да уживаат во настапите на Антониа Гиговска, „Либеро бенд“ и на Миле Кузмановски со бенд, а празничната атмосфера во овие три дена дополнително ќе ја збогатат диџеј Марио со труба, „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама, како и Бока Конга и Боби Сакс.
Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден, со новогодишни куќарки и со содржини наменети за посетителите во текот на тридневната манифестација.
Особено внимание им е посветено на најмладите. На 30 декември, за децата е предвидена програма со музички точки од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, претстава со Дедо Мраз, анимирана програма, мини концерт на училишните бендови и настап на диџеј Марио. Бесплатни новогодишни пакетчиња ќе добијат сите дечиња од Општина Кисела Вода.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска истакна дека заложбата на Општината е Кисела Вода да биде место каде што се гради квалитетен живот во секоја смисла, преку континуирани инвестиции, грижа за граѓаните и создавање содржини што го оживуваат јавниот простор и му даваат дополнителна вредност на секојдневието.
– Токму во таа насока, од 28 до 30 декември, во паркот „Шопен“, организираме три дена новогодишни случувања со богата програма и со настапи на квалитетни македонски изведувачи, наменета за сите генерации, вклучително и за децата за кои подготвивме бесплатни пакетчиња. Паркот ќе биде празнично уреден и исполнет со новогодишни куќарки, каде што ќе се нудат топли напивки и празнична храна, со цел граѓаните во целост да уживаат во новогодишната атмосфера – изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Таа ги покани граѓаните, на 31 декември, да ѝ се приклучат и на големата новогодишна забава организирана од Град Скопје на Градскиот плоштад, како заеднички завршеток на празничните случувања во пресрет на Новата година.
„ВЕЧЕР ПОД ЅВЕЗДИТЕ“ ВО ЦЕНТАР
Општина Центар, пак, ги кани сите граѓани на големата предновогодишна забава „Вечер под ѕвездите“, која ќе се одржи на 29 декември, на улицата „Боемска 1“ во Дебар Маало.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ветува добро и незаборавно расположение.
И во Центар, како и во Кисела Вода, ќе има по нешто за сите – од утринските, па сѐ до вечерните часови.
Предновогодишната програма ќе започне во 11:00 часот, со содржини наменети за најмладите. Ќе настапат „златните славејчиња“, хорот на ООУ „11 Октомври“ и танцовиот клуб „Еурека“. Кристијан Бенито ќе изведе магионичарско шоу, а Дедо Мраз ќе подари новогодишни пакетчиња.
Празничната атмосфера ќе продолжи попладнето, со зимскиот уличен фестивал „Грин-Џ 2025“.
Вечерната програма е резервирана за добра журка. Публиката ќе ја загрее диџеј Александар Јорданов, по што ќе следува „Брас брадерс“ со електронски етнозвук.
На самиот крај ќе настапи „Либеро бенд“, група позната на македонската музичка сцена по своите енергични живи настапи и богатиот репертоар од авторски песни и преработки на познати хитови.
Од Општината порачуваат да не се пропушти магичната предновогодишна вечер на „Боемска“, на 29 декември.
– Да ја испратиме годината заедно, со музика и во добро расположение – велат од локалната самоуправа.

Претходно, на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи настанот „Џез под ламба“ на малиот плоштад кај италијанската Амбасада.
Герасимовски ги кани граѓаните да уживаат во магична, божиќна атмосфера со џез-верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора и нејзиниот бенд, а вечерта ќе биде надополнета со греано вино и со печени костени.
– „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од културната програма на Општина Центар и е убава традиција што му дава посебен, топол и препознатлив шарм на нашиот Центар – изјави Герасимовски.
(А. П.)












