Општина Кисела Вода е рангирана во листата на најтранспарентните општини во државата, покажува најновото истражување на Центарот за економски анализи (ЦЕА) за буџетска и даночна транспарентност на единиците на локалната самоуправа за периодот 2024–2025 година.
Според објавениот извештај, Кисела Вода се вбројува во групата на десет општини кои добиле максимален број индексни поени за буџетска транспарентност. Дополнително, истражувањето ја позиционира Кисела Вода и како една од општините со највисок степен на даночна транспарентност, благодарение на јасната и достапна комуникација со граѓаните за локалните даноци и постојаното објавување на релевантни информации.
–Во извештајот на ЦЕА се истакнува дека токму овие практики на отчетност, достапност на буџетски документи, граѓански буџети, редовно известување и вклучување на јавноста во креирање на политики, се клучни критериуми при оценувањето на транспарентноста на општините – соопштија од Општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека овој висок резултат е потврда на долгорочниот пристап на Општина Кисела Вода за градење на отворена, отчетна и ефикасна локална самоуправа, посветена на интересот на граѓаните, развојот и стабилноста.
-Во Општина Кисела Вода од првиот ден работиме по начелата на транспарентност, отчетност и чиста работа. Резултатите од извештајот на ЦЕА само ја потврдуваат нашата определба, да градиме институции кои работат за граѓаните, со граѓаните. Максималните поени за буџетска транспарентност и високата оценка за даночна транспарентност се доказ дека можеме да бидеме модел на добро владеење. Преку отвореност, создадовме доверба, а преку довербата – напредок и економски развој. Ќе продолжиме по истиот пат, затоа што Кисела Вода заслужува модерна, силна и одговорна локална самоуправа- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.