„Градиме доверба и вмрежување на деловните луѓе од  Општина Кисела Вода“ беше настанот во рамките на кој градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска оствари средба со бизнис-заедницата и со претставниците на компаниите од овој дел на градот. Како што истакна Стаменкоска-Трајкоска, Кисела Вода и досега важела за општина со високи стандарди на транспарентност и добра соработка со бизнис-секторот, а целта, како што рече, е тие односи дополнително да се надградат. Притоа, додаде дека веќе е активен бизнис-информаторот на Кисела Вода, како практична алатка за информирање и поддршка на деловните субјекти, и најави формирање бизнис-регистар, кој ќе овозможи систематизирани податоци за компаниите, побрза и поефикасна комуникација со Општината, како и полесно вмрежување и информирање за можностите и мерките за поддршка и ќе помогне поефикасно да се поддржуваат инвестициите, но и отворањето нови работни места

 

„Градиме доверба и вмрежување на деловните луѓе од Општина Кисела Вода“ беше настанот во рамките на кој градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска оствари средба со бизнис-заедницата и со претставниците на компаниите од овој дел на градот.

Како што истакна Стаменкоска-Трајкоска, Кисела Вода и досега важела за општина со високи стандарди на транспарентност и добра соработка со бизнис-секторот, а целта, како што рече, е тие односи дополнително да се надградат. Додаде дека Општината има важна улога да создава стабилна и предвидлива деловна средина, да обезбедува јасни процедури и да биде мост меѓу компаниите и централната власт.

– Во таа насока, веќе е активен бизнис-информаторот на Кисела Вода, како практична алатка за информирање и поддршка на деловните субјекти – наведе Стаменкоска-Трајкоска. 

Таа најави формирање бизнис-регистар, кој ќе овозможи систематизирани податоци за компаниите, побрза и поефикасна комуникација со Општината, како и полесно вмрежување и информирање за можностите и мерките за поддршка. Тој, како што истакна Стаменкоска-Трајкоска, ќе помогне поефикасно да се поддржуваат инвестициите, но и отворањето нови работни места.

– За мене, ова не е формален настан, туку разговор со луѓето што ја носат економијата на Кисела Вода. Како нов градоначалник, ова е прва ваква заедничка средба со бизнис-заедницата и сакав таа да биде отворена и непосредна, затоа што вистинските партнерства се градат преку директен дијалог. Кисела Вода има изградено високи стандарди на транспарентност и доверба и мојата цел е да го надградиме тоа. Општината останува партнер на компаниите, создавајќи предвидливи правила и стабилна деловна средина – изјави Стаменкоска-Трајкоска.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој  присуствуваше на настанот, го поздрави потегот на Општина Кисела Вода и на градоначалничката за организирање ваква средба, оценувајќи ја како прва од многуте што ќе следуваат и како значајна можност за директна комуникација меѓу институциите и бизнис- заедницата.

Во своето обраќање, тој издвои три битни законски и програмски решенија што имаат цел директно да им помагаат на компаниите. Станува збор за Законот за финансиска поддршка, преку кој се достапни околу 20 милиони евра за бизнис-секторот, за најобемниот оперативен план за вработување, кој, во координација со Агенцијата за вработување, обезбедува над 40 милиони евра преку мерки насочени особено кон младите и спречување на одливот на кадри, како и за новиот Закон за работно ангажирање, со фокус на сезонското вработување.

Според Ристески, овие мерки ќе ја зголемат конкурентноста на компаниите, ќе ја подобрат вработеноста и ќе создадат подобри услови за одржлив развој на бизнис-секторот во Кисела Вода, но и во цела Македонија.

На оваа средба, во отворен дијалог, биле разменети информации, идеи и конкретни прашања и решенија.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ