Киро Урдин е автор на плакатот за 46. издание на фестивалот „Браќа Манаки“

28

Македонскиот мултимедијален уметник Киро Урдин е автор на плакатот на годинашното 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

– Му дадовме еден уметнички аспект на визуелното решение за најновото издание на фестивалот „Браќа Манаки“. Станува збор за слика која е половина апстрактна, а половина е лик на една дама. Бојата е повеќе во сино, но сметам дека бојата не значи ништо. Имам напишано еден афоризам „Уметноста е во нијансите, боите се униформа“, вели Урдин.

Додава дека во неговото творештво секоја слика е различна.

– Така сликам, така и размислувам. Повторувањето е знак на немоќ. Бидејќи основен постулат на уметноста е креативноста, значи треба постојано да се создава нешто ново, нешто креативно. Уметноста некогаш е успешна, некогаш е просечна, а некогаш е неуспешна, но зависи и од тоа кој е уметникот и кој е гледачот, смета Урдин.

Потсетува дека првите чекори на кинематографијата почнуваат во Франција со браќата Лимиер.

– Постои една духовна паралела меѓу нив и браќата Манаки, но и меѓу Париз и Битола. Тие отвориле нови видици. Во тоа време не биле сфатени од своите современици, но биле големи ентузијасти и го отвориле тој пат на кинематографијата од кој сегашните генерации имаат голема придобивка. Многу ме радува податокот дека бројни добитници на „Оскар“ се добитници и на „Златна камера 300“ што ја доделува фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. И тоа е голем успех за фестивалот. Тие оскаровци верувале, ја согледале репутацијата на фестивалот и дошле да ја примат наградата, истакнува Урдин.

ИЗДВОЕНИ