– Се чувствувам преубаво. Сите ми честитаат, членовите на жирито (Алка Вуица, шефот Маре, Енес Беговиќ), водителката Драгана Катиќ, оркестарот, сите. И сите отворено покажуваат дека ме почитуваат, а јас се трудам на сите да им излезам во пресрет, да стојам цврсто на земја, да не летам во облаци, бидејќи не сум таков, занесен. Сите се навистина добри, на сите им благодарам што гласаа за мене – вели среќниот Кире
Претпоставувавме дека ќе победи, така некако ни „велеше“ нашата интуиција, нам, од весникот ВЕЧЕР. Дури имавме и причина да го кажеме тоа пред големото финале на големото балканско ТВ-шоу „Никогаш не е доцна“ (Никад није касно). Нашето момче Македонче, Кире Науновски од Свети Николе, победи според фејсбук-гласовите, а тоа се гласовите на публиката што се собираат од сите страни на планетата Земја.
Уште првиот пат кога се појави на сцената на „Никогаш не е доцна“, Науновски се наметна како фаворит за победа. И со самото пеење, но и со својот пристоен физички изглед. Иако има 45 години и пее, „растура“ токму како за „Никогаш не е доцна“, Кире изгледа свежо, претставително, културно. Таков го паметиме и од неговиот настап пред еден месец, на познатиот „Фолк-фест Валандово 2025“.
Своите посериозни чекори како пејач ги направил кога имал само 16 години. Тогаш почнал да пее на свадби и на веселби. Но, не застанал тука. Неговиот талент морал да избие на површина. Постојано има најголема поддршка од сопругата и од двете дечиња. Кај многумина предизвика воздишки кога настапи со песната „Благујно дејче“ (во дует со пејачката Сара), од репертоарот на легендарната Есма Реџепова. Со внимание ги следевме и другите песни кои ги пееше и со кои ја освои публиката пред малите екрани. Признава дека е личност што има трема пред секој настап, но секогаш до него е неговата сопруга, која го храбри.
– Навистина не знам поради што имам трема. Таков сум роден и тоа ми претставува голем проблем – раскажа искрено Кире.
Веднаш по триумфот, откри кому му ја посветува победата и за што особено жали во врска со победничката вечер.
– Пред сè, да кажам дека се чувствувам преубаво. Сите ми честитаат, членовите на жирито (Алка Вуица, шефот Маре, Енес Беговиќ), водителката Драгана Катиќ, оркестарот, сите. И сите отворено покажуваат дека ме почитуваат, а јас се трудам на сите да им излезам во пресрет, да стојам цврсто на земја, да не летам во облаци, бидејќи не сум таков, занесен. Сите се навистина добри, на сите им благодарам што гласаа за мене на „Фејсбук“.
Само многу жалам што на финалната вечер не беше со сите нас во студиото човекот поради кого се пријавив за „Никогаш не е доцна“. Тоа е харизматичниот водител Жика. Сите ние до еден му посакуваме брзо оздравување и многу добро здравје – раскажа победникот Кире од Свети Николе и продолжи со славењето.
А, ќе слави и дома, во Свети Николе, штом ќе се врати од Белград. (Д. М.) фото:ФБ