Без веродостојна информација, општеството не може да опстојува, но, за жал, последниве години новинарот е сведен на пренесувач на информации, кои не секогаш се точни или се насочени кон некаква цел
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Кире Јанишлиев, новинар и политиколог од Гевгелија, ги живее своите мирни пензионерски денови во својот роден град, за кој четврт век има пишувано со голема љубов и страст во тогаш единствениот македонски весник, „Нова Македонија“. Со своите прилози ја издигна Гевгелија на пиедестал рамен на два-три поголеми македонски града. Оваа година се навршуваат 50 години од неговото дипломирање на Факултетот за политички науки, на отсекот за новинарство, во Белград. Убав повод за интервју во ВЕЧЕР, со него – едно од најпознатите новинарски имиња во Република Македонија во 20 век, кое денес може да им биде пример на младите таленти што се вљубени во новинарството и се стремат кон оваа сложена професија.
– Г. Јанишлиев, дали сè уште мислите дека новинарството е најдобрата професија на светот?
За мене, новинарството останува една од најдобрите професии, бидејќи еден поголем и значаен дел од мојот живот му беше посветен на новинарството, иако секоја професија има свои убавини и предизвици. Меѓутоа, новинарството не само што отвора нови видици туку има и една мошне одговорна општествена димензија: да ѝ ја пренесе вистината на јавноста. Новинарите се информативен мост меѓу општеството и сите случувања во него со пошироката јавност. Едноставно, без вистинска и веродостојна информација, општеството не може да опстојува. За жал, последниве години ваквата општествено одговорна функција на новинарството е сведена на пренесување информации, кои не секогаш се вистините или, пак, се насочени со некаква цел. Затоа и се ретки новинарските имиња, не само кај нас туку и пошироко, што значат нешто и придонесуваат во информативниот систем.
– Кажете ни нешто за Вашите детски и училишни денови во Гевгелија, по што ќе ги паметите?
Уште во училишните денови ја препознав љубовта кон новинарството и, како гимназист, започнав да соработувам во Радио Гевгелија, најпрво како уредник на Младинската емисија, а потоа како спикер, водител и воопшто, како новинар во тогаш единственото и престижно информативно средство во Гевгелија. Гевгелија отсекогаш била отворен град, со голем број транзитни туристи, што претставува голем предизвик за еден млад и иден новинар. Уште на почетокот од моето школување во СОУ „Јосиф Јосифовски“ знаев дека ќе студирам новинарство.
– Завршивте новинарство во Белград, потсетете се на некои Ваши професори и колеги со кои имате студирано.
Факултетот за политички науки во Белград беше еден од најпрестижните факултети во поранешна Југославија, каде што се образоваа идните новинари, дипломати и социолози. Беше вистинска чест да ги следиш предавањата за политички систем на д-р Јован Ѓорѓевиќ или по уставно право на д-р Александар Фира. Додека за предавањата на Сергеј Лукач, едно од најпознатите новинарски имиња, амфитеатарот беше претесен. Токму ваквата елита на професори беше поттик за нас, студентите, да напредуваме. Многумина од моите колеги завршија како новинари во „Политика“, „Борба“, едни во дипломатијата, а други, како мене, се вратија во Македонија. Со некои од нив до ден-денес сум во контакт.
– Во Радио Гевгелија, која повеќе не постои, беше Вашето прво работно место. Колку време поминавте во оваа куќа и кој дел од гевгелиското живеење го покривавте?
Веднаш по дипломирањето во 1975 година и враќањето во Гевгелија, се вработив во Радио Гевгелија, каде што започнав како новинар, заедно со Слободанка Дуева, која беше уредник на Информативната програма. Пишував вести и информации за радиовесникот и воопшто, за Информативната програма, за сите настани во Општина Гевгелија. Подоцна станав уредник на Информативната програма, која во тоа време претставуваше единствена можност за информирање на граѓаните на Општината и пошироко – за случувањата во Гевгелија и околината.
– Како станавте дописник на нашиот најстар дневен весник, „Нова Македонија“?
По завршувањето на воениот рок, ме повикаа во општинската Организација на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија и ме информираа дека весникот „Нова Македонија“ бара дописник од Гевгелија, сметајќи дека најмногу ќе одговорам за таа функција. Тоа беше голем предизвик за мене, бидејќи стануваше збор за првиот печатен медиум во Република Македонија, кој опстоја на определбата: објективно, вистинито и професионално да ја информира јавноста. Токму во „Нова Македонија“, Гевгелија доби препознатливо и почитувано место, резервирано за поголемите градови.
– За што сè сте пишувале и дали имало тема што Вам лично најмногу ви лежела?
Пишував за настанокот на Гевгелија, која израснала крај еден од најмоќните раноантички градови – Гортинија; за животните приказни на гевгеличани во текот на фашистичката окупација, во фељтонот „За луѓето од заднината“, објавен во 1981 година; за местоположбата на Гевгелија и за значењето на границата во зближувањето на луѓето, но и за климатските погодности, кои придонесоа за создавање на гевгелискиот екорегион. За обичните луѓе, за гевгелиската транзиција и за малку познатите природни богатства на ова поднебје, но и за Дојран и за повеќегодишната криза и спас на Дојранското Езеро. Воопшто, пишував за сите случувања што придонесоа низ годините Гевгелија да стане привлечно место за живеење. Секогаш раководен од новинарскиот предизвик да се открива непознатото и да се афирмира познатото.
– Добитник сте на две награди за новинарство, во 1988 и во 1997 година. За кои текстови ги добивте овие признанија?
Во 1988 година, бев добитник на годишната награда на „Нова Македонија“ за едногодишна новинарска дејност, за објавените тематски написи за случувањата во Гевгелија, но и за редовните извештаи од Солун и од егејското крајбрежје, кое македонските туристи почнаа да го откриваат тогаш. Додека наградата „Крсте Мисирков“ во 1997 година ја делев со колегата Блаже Миневски за објавениот фељтон во „Нова Македонија“ за Егејска Македонија. Тоа беше првата серија написи објавена кај нас за убавините, но и за луѓето кои живеат во Егејска Македонија, кои предизвикаа голем интерес во јавноста.
– Ќе ни кажете ли зошто, и покрај препораката од колегиумот на „Нова Македонија“, не станавте нивни дописник од Атина?
Од уредништвото на „Нова Македонија“, преку јавен конкурс, бев избран за дописник на „Нова Македонија“ со седиште во Атина, со мандат што требаше да трае четири години. Откако „Нова Македонија“ ги поднесе документите, преку грчкиот Конзулат во Скопје, до Министерството за информации на Грција неочекувано брзо стигна одговор дека не е прифатена кандидатурата. Попусти беа обидите на „Нова Македонија“ да се исправи оваа политичко- новинарска неправда, немаше никаков официјален одговор за неприфатената акредитација. Меѓутоа, интимно почувствував дека причина за тоа, во услови кога беа затегнати односите меѓу Македонија и Грција, беа објавените репортажи за Егејска Македонија во „Нова Македонија“.
– Во 2004 година го напуштивте новинарството и се вработивте во Општина Гевгелија.
Во „Нова Македонија“ останав да работам сè до затворањето на весникот во 2004 година, по што преминав на работа во Општина Гевгелија. И покрај обврските како државен службеник, не прекинав со новинарството, бидејќи бев иницијатор и повеќегодишен уредник на месечникот „Гевгелија инфо“, кој во 2009 година беше преименуван во „Гевгелиски магазин и кој Општина Гевгелија сè уште го издава. Сметам дека е добро секоја локална самоуправа да ги користи сите алатки што придонесуваат за нејзината транспарентност и за редовната комуникација со граѓаните.
– Сè до Вашето пензионирање во 2019 година, работевте во Општина Гевгелија. Што е она по што ќе ги паметите 15. години работа како државен службеник?
Општина Гевгелија направи значаен исчекор во приближувањето до европските стандарди, иако од секојдневната диоптрија, можеби, тоа не изгледа така. Меѓутоа, неспорен факт е дека Општина Гевгелија наликува на урбана и инфраструктурна општина. Во исто време, Општината се здоби со богат културен и спортски живот, но и со подобрена културна и спортска инфраструктура, подобрени социјални услуги, зголемени активности и влијание на граѓанскиот сектор, станувајќи респектабилен партнер на повеќе меѓународни програми и фондации, особено во прекуграничната соработка.
– Како ги поминувате Вашите пензионерски денови, дали, можеби, подготвувате нова книга и, според вас, зошто остана Гевгелија без пишани и електронски медиуми?
Сакам да подготвам една книга посветена на Општина Гевгелија во изминатите три децении, бидејќи сакале да признаеме или не, во Гевгелија се реализирани повеќе капитални проекти, кои се особено значајни за нејзиниот развој. Почнувајќи од новиот водоснабдителен систем, пречистителната станица, времената депонија и санираната стара депонија, па сè до доградувањето на Западниот булевар како сообраќајна обиколница, реконструкцијата на Народниот театар, на Динќут и на Вардарски Рид, како и новоизградените урбани паркови и спортско-рекреативни центри. Без разлика во кој мандатен период се започнати или завршени, факт е дека овие проекти им служат на граѓаните. Што се однесува, пак, до недостигот од пишани и електронски медиуми во Гевгелија, тоа е голем и евидентен хендикеп, наспроти масовноста на социјалните мрежи. Денес, еден човек може да креира веб-страница, па да ја „информира“ јавноста и да го задоволува гладот на презаситената публика за сензационални и честопати непроверени информации. За вистински електронски и пишани медиуми, потребни се оспособени и стручни кадри, кои во Гевгелија ги нема подолго време, поради што и малку се застапени во македонскиот медиумски простор.