– Половина век од своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции туку и жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава – посочуваат од Кинотеката

Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина, што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и на критичката мисла во нашата земја.

– Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија: да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и за нови генерации гледачи – посочуваат од оваа институција.

Особено место во програмата заземаат тематските целини „Киноутро“, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Притоа ќе може да се видат „Таинствената шума“, „Биби и Боби во светот на бајките“ и „Тафити и пустинската авантура“. Преку овие проекции (распоредени до 16 јануари), Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската меѓу младите и филмскиот медиум.

„Југо Флорида“

Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот „Киненова“ (на 21, 22, 23 и 24 јануари), кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекциите на играниот „Југо Флорида“ во режија на Владимир Тагиќ (15, 16 и 27 јануари) и документарецот „Фанк Ју“ на Франко Дујмиќ (26 јануари), кои преку ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.

„Трет свет“

Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“ (28 и 29 јануари), посветен на култниот хрватски бенд „Хаустор“, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на ексјугословенскиот културен простор. Ова е приказна за две креативни спротивности во бендот: Дарко Рундек и Срѓан Сахер. Во режија на Арсен Оремовиќ, филмот открива како една заедничка чувствителност кон магијата на секојдневниот живот еднаш споила два контрастни уметнички света за да создадат трет.

„Диџеј Ахмет“

Домашната продукција е застапена со проекциите на најновите македонски филмови „Утре наутро“ (17 јануари) во режија на Јани Бојаџи и „Сите го викаат Реџо“ на Ибер Деари (20 и 26 јануари), копродукција со Косово и со Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и кон актуелните тематски предизвици. Оние што го пропуштиле, месецов во Кинотеката ќе можат да го погледнат и „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски (15, 16 и 17 јануари), за 15-годишно момче од јуручко село во Македонија што наоѓа засолниште во музиката, истовремено справувајќи се со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница во која живее и со првото љубовно искуство.

„Небото над Берлин“

Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс (30 јануари), филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и за духовната потрага по смислата. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и на нејзината моќ да опстои над времето.

– Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции туку и жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава – додаваат од Кинотеката. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ