Кинески научници развија „болнички град со вештачка интелигенција“: Се лекуваат илјадници пациенти дневно

364
screenshot WHWorldwide Youtube

Истражувачите од Универзитетот Цингхуа развија иновативен проект наречен Agent Hospital – виртуелен болнички град во кој лекарите и пациентите функционираат користејќи вештачка интелигенција.

Оваа технологија потсетува на познатиот „AI Town“ на Стенфорд, кој стана вирален минатата година.

Во оваа дигитална средина, сите лекари, медицински сестри и пациенти се водени од таканаречените интелигентни агенти кои функционираат благодарение на големите јазични модели (LLM). Овие агенти се способни да комуницираат, учат и да го развиваат своето медицинско знаење самостојно.

Според истражувачкиот тим, лекарите со вештачка интелигенција можат да лекуваат дури 10.000 пациенти за само неколку дена – работа за која на лекарите ќе им бидат потребни најмалку две години. Дополнително, вештачките лекари постигнаа импресивна 93,06% точност на базата на податоци MedQA, симулирајќи го целосниот процес на лекување – од дијагноза до последователни прегледи.

Виртуелната болница содржи бројни простории за консултации и дијагностика, а во неа работат 14 виртуелни лекари и четири медицински сестри. Покрај овозможувањето брза испорака на здравствена заштита, овој систем се користи и за обука на студенти по медицина, кои можат да практикуваат предлагање терапии во безбедна, симулирана средина.

Водачот на проектот Agent Hospital, Лиу Јанг, го истакна потенцијалот на ова решение за подобрување на здравствениот систем.

„Концептот на болнички град со вештачка интелигенција, во кој виртуелните пациенти добиваат третман од лекари со вештачка интелигенција, е од огромно значење и за медицинските професионалци и за пошироката јавност“, објави Глобал тајмс од Пекинг.

„Целта е агентите за вештачка интелигенција да научат и самостојно да развијат способност за лекување на болести преку симулации“, додаде Јанг.

Овој систем може да овозможи висококвалитетна, достапна и ефикасна здравствена заштита, користејќи огромна база на медицинско знаење. Овозможува и симулација и предвидување на медицински сценарија, вклучително и ширење на заразни болести.

Сепак, научниците предупредуваат дека претстојат предизвици – меѓу нив е усогласеноста со националните здравствени регулативи и развивањето ефикасна соработка помеѓу системите за вештачка интелигенција и лекарите.

„Вештачката интелигенција може да ја зголеми прецизноста и ефикасноста во здравствената заштита, но не може да го замени човечкото сочувство и персонализираната грижа“, нагласува д-р Донг Џиахонг од Универзитетот Цингхуа.

 

ИЗДВОЕНИ