Преку својата фирма во Кина, која функционирала како сложена Понзи-шема, собирала пари од граѓани, претежно пензионери, ветувајќи им високи камати, а пред да ја открие полицијата избегала во Лондон, каде што со украдените пари претворени во биткоини живеела на висока нога. Осудена е на 11 години и осум месеци затвор за перење пари, а според Крунското обвинителство (ЦПС), ова е најголема заплена на криптовалути и најголемиот случај на перење пари во историјата на Обединетото Кралство.
Кинеската криптокралица, Жимин Ќиан, која ограби најмалку 120.000 Кинези, претежно пензионери, оваа недела осудена е во Лондон на 11 години и осум месеци затвор за перење пари. Таа призна вина по уште едно обвинение – поседување нелегално стекнати криптовалути. Судијката Сели-Ен Хејсл ја опиша како „архитект на целата измама од почеток до крај, додавајќи дека нејзиниот мотив бил чиста алчност.
Како што пишува „Би-би-си“, нејзините жртви се надеваат дека ќе можат да вратат барем дел од парите, што е многу сложен процес.
– Ако можеме да ги собереме сите докази, се надеваме дека британската влада, Кралското обвинителство и Високиот суд ќе покажат сочувство, вели еден од измамените, кој додава дека измамата му го растурила бракот.
Според Крунското обвинителство (ЦПС), ова е најголема заплена на криптовалути и најголемиот случај на перење пари во историјата на Обединетото Кралство. За време на истрагата, откриени се повеќе од 60.000 биткоини, со моментална вредност од околу 4,8 милијарди фунти. Сè почнало пред десетина години, кога сега 47-годишната Жимин Ќиан, позната и како Јади Жанг, во Кина ја основала компанијата „Лантиан Геруи“ (Bluesky Greet на англиски). Преку неа собирала пари од инвеститори, тврдејќи дека ги користи за да копа нови биткоини и да инвестира во напредни здравствени технологии. Жимин во својата земја градела имиџ на општествено одговорна претприемачка и поетеса. Таа пишувала стихови за љубовта кон старите лица и татковината, организирала луксузни банкети и патувања за потенцијални инвеститори, честопати со патриотски мотиви кои особено влијаеле врз постарата популација. Илјадници Кинези ѝ поверувале и ѝ ги довериле заштедите, зашто редовно, секој ден им давала по малку од заработката. Британската полиција верува дека станува збор за сложена Понци-шема. Откако четири години ги ограбувала луѓето кои верувале во нејзините лаги, во 2017 година, пред кинеската полиција да почне да го истражува случајот, со лажен пасош избегала во Велика Британија и престанала со исплатите. Во Лондон изнајмила луксузна вила за која плаќала месечна кирија од повеќе од 17.000 фунти и се претставувала како богата наследничка на дијамантско и антикварско царство. За асистентка ангажирала своја сонародничка, Вен Џиан, која претходно работела како доставувачка на храна. Таа имала задача биткоините што нејзината работодавачка ги купувала со украдените пари, да ги претвора во готовина и во недвижнини. Џиан, која е осудена на шест години затвор за перење пари, сега раскажува дека нејзината работодавачка поголемиот дел од денот го поминувала в кревет, играјќи игри и купувајќи онлајн. Истовремено осмислувала нови инвестициски шеми и ги наговарала соработниците да бараат нови жртви. Во домот на криптокралицата е пронајден нејзиниот дневник во кој ги напишала своите планови. Таа сакала да отвори меѓународна банка, да купи замок во Шведска, па дури и да се зближи со британски војвода, а врвната цел ѝ била да стане кралица на Либерленд, непризнаена микродржава на границата меѓу Хрватска и Србија.
– Колку повеќе дознававме за нејзината улога… дека таа, всушност, била водач на измамата, а не само член од низок ранг… стануваше очигледно дека е многу паметна, многу итра и многу манипулативна, способна да убеди многу луѓе, изјави за „Би-Би-си“ детективот Џо Рајан од Метрополитенската полиција.
Но и покрај сета итроштина, Жимин паднала во рацете на полицијата на многу наивен начин. Полициската истрага за неа била иницирана од обидот да купи екстра голем имот во Тотериџ Комон – област позната по големи, затскриени резиденции. Купувањето требало да го изврши нејзината асистентка, а полицијата била ангажирана кога таа не можела да го објасни потеклото на парите. Во рацијата што следувала во изнајмената куќа во Хемпстед биле откриени хард дискови и лаптопи со десетици илјади биткоини. Шефот на одделот за економски и сајбер криминал на лондонската полиција, Вил Лајн, процени дека истрагата траела седум години и дека ова е „најголемиот и најсложен случај од економска природа во историјата на Метрополитенската полиција“.












