Кина: САД да не го користат Арктикот како изговор за своите интереси

42

Министерството за надворешни работи на Кина издаде соопштение во врска со американските претензии кон Гренланд , нагласувајќи дека Арктикот е од клучно значење за целата меѓународна заедница. Во својот одговор, министерството, исто така, ги критикуваше САД, велејќи дека не треба да „ги користат другите земји“ како изговор за сопствените интереси, пренесува кинеската новинска агенција Синхуа.

„Арктикот се однесува на општите интереси на меѓународната заедница“, изјави на прес-конференција Мао Нинг, портпаролка на министерството. Пекинг, исто така, нагласува дека односите меѓу земјите мора да се водат во согласност со правилата на ОН.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена изјави дека САД мора да го „поседуваат“ Гренланд за да спречат негово преземање од Русија и Кина, велејќи дека тоа ќе се постигне на лесен или на тежок начин. Изјавата доаѓа по неодамнешните сигнали од Белата куќа дека администрацијата размислува за купување на полуавтономната територија од Данска, но не ја исклучува можноста за присилна анексија.

И Данска и Гренланд категорично ја отфрлија понудата на Трамп, велејќи дека територијата не е на продажба. Копенхаген предупреди дека секоја воена акција против членка на НАТО би значела крај на трансатлантската одбранбена алијанса.

ИЗДВОЕНИ