Министрите за надворешни работи на Камбоџа и Тајланд се сретнаа со своите кинески колеги за да продолжат разговорите за прекинот на огнот што беше потпишан пред два дена.
„Сè уште не сме решиле сè, но мислам дека напредуваме и треба да продолжиме да го правиме тоа“, изјави тајландскиот министер за надворешни работи Сихасак Фуангкетев по состанокот во кинеската покраина Јунан.
Тој додаде дека приоритетите се „обезбедување траење на прекинот на огнот“ и обнова на довербата меѓу Тајланд и Камбоџа.
Средбите беа најновите напори на Кина да ја зајакне својата улога како меѓународен посредник.
За време на состанокот, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји повика на „регионален мир, стабилност и развој“.
„Дозволувањето пламенот на војната повторно да се разгори апсолутно не е она што го сакаат луѓето од двете земји, а не е она што Кина, како ваш пријател, сака да го види. Затоа, треба решително да гледаме напред и да одиме напред“, рече Ванг.
Камбоџанскиот министер за надворешни работи, Прак Сокхон, изјави дека верува оти прекинот на огнот ќе трае и ќе создаде средина во која двете земји ќе продолжат со претходно договорените начини за решавање на споровите.
„Не сакаме да се вратиме во минатото, што значи дека никој не сака овие борби повторно да се случат. Затоа, важно е ова прекин на огнот да биде трајно и мора цврсто да се почитува и спроведува“, рече Сокхон по состанокот.












