Кина почна голема воена вежба околу Тајван

119
Фото: EPA
Во пет зони околу островот

Кина почна голема воена вежба околу Тајван, со учество на морнарицата, воздухопловните и ракетните сили.

Според портпаролот на армијата, вежбата „Мисија правда 2025“ се одржува во Тајванскиот Теснец, но и северно, југозападно, југоисточно и источно од Тајван. Маневрите, како што посочи Пекинг, се „строго предупредување“ до сепаратистите и „странските сили што се обидуваат да се мешаат“.

Планирано е бродовите да се приближат кон островот Тајван од различни насоки. Војската користи уништувачи, фрегати, ловци, бомбардери и беспилотни летала. Тајван пријави присуство на четири брода на кинеската крајбрежна стража покрај својот северен и источен брег. Војската на демократски управуваниот остров веднаш испрати поголеми бродови и поддршка во погодените области.

Во посебна изјава, кинеската војска најави дека ќе одржи маневри во пет назначени зони околу Тајван, почнувајќи од вторник. Незасегнатите бродови и авиони треба да ги избегнуваат тие области.

Тајван остро ги осуди новите воени активности на Кина, нарекувајќи ги „игнорирање на меѓународните норми“. Кина, според Тајван, користи „тактики на воено заплашување“ за да им се заканува на соседните земји.

Владата во Тајпеј објави во декември дека САД одобрила продажба на оружје на Тајван во вредност од 9,33 милијарди евра, еден од најголемите пакети оружје за островот. Кина тогаш најави решителни и силни мерки за заштита на својата територија.

Во изминатите години, Народна Република Кина повеќепати организираше големи воени маневри околу островот. Властите во Кина го сметаат демократски управуваниот Тајван за дел од својата територија, кој повторно треба да се обедини со копното, доколку е потребно, и со употреба на воена сила.

Актуелната воена вежба се одржува откако Пекинг жестоко реагираше на продажбата на американско оружје на Тајпеј и на изјавите на јапонскиот премиер, Санае Такаичи, дека би можела да интервенира нивната војска доколку Кина преземе мерки против Тајван, пренесува АП. Агенцијата, сепак, нагласува дека кинеската армија не ги споменала директно ниту САД ниту Јапонија во вчерашното соопштение.

Претходно, како одговор на снабдувањето со оружје на Тајван, Кина најави дека ќе преземе законски контрамерки против 20 американски воени компании и 10-мина високи раководители што биле вклучени во вооружувањето на Тајван во изминатите години.

– Уште еднаш нагласуваме дека прашањето за Тајван се наоѓа во самото јадро на основните интереси на Кина и претставува првата црвена линија што не смее да се премине во односите меѓу Кина и САД – соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина и додаде дека уште еднаш ги повикува САД да се придржуваат кон принципот „една Кина“ и до трите заеднички коминикеа меѓу Кина и САД.

ИЗДВОЕНИ