Кина ја отвора вратата за дискусија со САД околу енормните царини што си ги наметнаа двете земји

17

Пекинг ја разгледува понудата на Вашингтон за разговори за царините од 145 проценти што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти кинеското Министерство за трговија, предупредувајќи ги САД да не се вклучуваат во „изнуда и принуда“.

Министерството за трговија во Пекинг соопшти дека САД контактирале со Кина за да побараат разговори за царините на Трамп и дека вратата на Пекинг е отворена за дискусии, објави Ројтерс.

-САД неодамна презедоа иницијатива во неколку наврати да достават информации до Кина преку релевантни страни, велејќи дека се надеваат на разговори со Кина. Обидот да се искористат разговорите како изговор за принуда и изнуда би пропаднал“, се вели во соопштението.

Кинеското министерство додаде дека САД треба да ги исправат „погрешните“ постапки и да го откажат воведувањето на еднострани царини, како и дека Вашингтон мора да покаже „искреност“ во преговорите.

Кина состави список на производи произведени во САД кои ќе ги ослободи од одмаздничките царини од 125 проценти, вклучувајќи одредени фармацевтски производи, микрочипови и млазни мотори. Истовремено, американските претставници, вклучувајќи го и секретарот за финансии Скот Бесант и економскиот советник на Белата куќа Кевин Хасет, исто така изразија надеж за напредок во ублажувањето на трговските тензии.

-Уверен сум дека Кинезите ќе сакаат да постигнат договор. И како што реков, ова ќе биде процес од повеќе чекори. Прво, мора да ја деескалираме ситуацијата, а потоа ќе почнеме да се фокусираме на поголем трговски договор, рече Бесант во интервју за „Фокс бизнис нетворк“ оваа недела.

Трамп во средата изјави дека верува оти постои „многу голема шанса“ неговата администрација да постигне договор со Кина, неколку часа откако кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за да се приспособат на промените во меѓународната средина, без да ги спомене САД.

Во меѓувреме, САД воведоа казнени царини за мали пратки од Кина и Хонгконг, особено оние што содржат евтина облека од гигантите за онлајн-продажба „Шеин“ и „Тему“. Оваа мерка стапи во сила вчера изутрина и е дел од трговска војна меѓу двете економски сили. Досега ослободени од царина беа пратките во вредност до 800 долари.

Според Белата куќа, досега секојдневно во САД влегувале над четири милиони пратки што биле ослободени од царина. Со новата политика, пратките испратени преку приватни курири, како ФедЕкс и Ју-Пи-Ес, ќе бидат предмет на 145-процентна царина. За оние што се испраќаат преку поштенски услуги, ќе се применува 120-процентна царина, односно најмалку 100 долари, а од 1 јуни – 200 долари.

ИЗДВОЕНИ