Кина е подготвена да го забрза испитувањето и одобрувањето на извозот на ретки минерали во компании од земјите членки на Европската унија, соопшти денеска кинеското Министерство за трговија.
Во соопштението се наведува дека Кина до 5 јули ќе донесе одлука за царините за увоз на алкохолни пијалоци од ЕУ.
Се забележува дека консултациите за цените на електричните возила произведени во Кина во земјите на ЕУ, исто така, влегле во завршна фаза и дека се потребни повеќе напори за да се постигне договор, пренесе Ројтерс.
Во април Кина го запре извозот на широк спектар ретки минерали кои се клучни за автомобилската, авионската и полупроводничката индустрија, како и за воената индустрија.
Овие денови се забрзани и разговорите за увозот на француски коњак – прашање што ги влоши односите, откако Кина воведе антидампинг-мерки со царини до 39 отсто на увозот на алкохол од ЕУ, при што францускиот коњак беше најпогоден. Мерките уследија по одлуката на ЕУ да воведе заштитни мерки за европската автомобилска индустрија против увоз на кинески електрични возила.
Одлуката за судбината на овие кинески царини неколкупати беше одложена – прво требаше да се донесе до јануари, потоа до април, а сега до 5 јули.