Кина денес го обвини Доналд Трамп дека „додава масло на огнот“ во конфликтот меѓу Израел и Иран и ги повика своите граѓани да ги напуштат двете земји, додека претседателот Си Џинпинг изрази загриженост поради ненадејното зголемување на тензиите и апелираше до сите страни да работат на деескалација што е можно поскоро.
„Израелската воена акција против Иран предизвика остра ескалација на тензиите на Блискиот Исток, што е од длабока загриженост за Кина“, изјави денес кинескиот претседател Си Џинпинг за време на состанокот со узбекистанскиот претседател во Казахстан, каде што учествува на самит на лидерите на пет поранешни советски републики во Централна Азија, објави кинеската новинска агенција „Синхуа“, пренесе „Бета“.
„Се спротивставуваме на секоја акција што го нарушува суверенитетот на другите земји“, додаде Си.
„Сите страни треба да работат на смирување на конфликтот што е можно поскоро и да избегнат нова ескалација на тензиите“, рече Си.
Израелската војска извршува напади врз Иран од 13 јуни со декларирана цел да го спречи Техеран да добие нуклеарна бомба. Како одговор, Иран вети дека немилосрдно ќе го бомбардира Израел додека не престанат неговите напади.
Запрашан за вчерашните коментари на американскиот претседател Доналд Трамп дека сите треба да го евакуираат Техеран, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи денес изјави дека „додавањето масло на огнот, заканите и вршењето притисок нема да помогнат во смирувањето на ситуацијата, туку само ќе ги зголемат тензиите и ќе го прошират конфликтот“.
Кинеските амбасади во Иран и Израел денес ги повикаа кинеските граѓани да ги напуштат двете земји „што е можно поскоро“.
Кинеската амбасада во Иран во својата порака ги посочува граничните премини со Турција, Ерменија и Туркменистан како можни излези.
Кинеската амбасада во Израел ги повика своите граѓани да ја напуштат земјата во правец на Јордан, велејќи дека се оштетени бројни цивилни инфраструктури, дека бројот на цивилни жртви се зголемува и дека безбедносната ситуација се влошува.