Кина бара САД веднаш да го ослободат Мадуро, да ја решат ситуацијата преку дијалог, а не преку сила

257

Министерството за надворешни работи на Кина денес остро го осуди потегот на САД, барајќи итно ослободување на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговата сопруга, со порака дека ситуацијата во Венецуела мора да се реши преку дијалог, а не преку сила.

Во официјално соопштение објавено на веб-страницата на министерството, Пекинг изрази „сериозна загриженост“ поради акцијата на американските сили кои насилно ги приведоа претседателот Мадуро и неговата сопруга на 3 јануари и ги изведоа од земјата.

Портпаролот на кинеското министерство рече дека чинот претставува јасно кршење на меѓународното право, основните норми на меѓународните односи и целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации.

„Кина ги повикува САД да ја обезбедат личната безбедност на претседателот Мадуро и неговата сопруга, веднаш да ги ослободат, да престанат со соборувањето на венецуелската влада и да ги решат проблемите преку дијалог и преговори“, се вели во соопштението како одговор на новинарско прашање за апсењето.

Драматичните настани се случија само неколку часа откако Мадуро прими висок кинески функционер во претседателската палата Мирафлорес во Каракас. Тој се сретна со Ку Сјаоки, специјалниот претставник на кинеската влада за латиноамерикански прашања, во петокот.

Мадуро објави на Телеграм по состанокот, наведувајќи: „Имав пријатна средба со Ќиу Сјаоки. Ја потврдивме нашата посветеност на стратешки однос кој напредува и се зајакнува во различни области за да се изгради мултиполарен свет на развој и мир“.

Само 24 часа подоцна, Мадуро беше во притвор во САД.

ИЗДВОЕНИ