Одлуката на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун да ја именува својата ќерка Ким Џу-ае за свој наследник веројатно ќе предизвика борба за власт во владејачкото семејство, објави денес британскиот весник „Телеграф“, повикувајќи се на извори од јужнокорејското разузнавање, додавајќи дека во тој случај Џу-ае би можела да се соочи со својата тетка Ким Јо-џонг.
Поранешниот јужнокорејски амбасадор во Велика Британија и поранешен заменик-директор на разузнавачката служба, Ра Џонг-ил, изјави дека Џу-ае би можела да се соочи со отпор од нејзината тетка, Ким Јо-џонг (38), сестра на севернокорејскиот лидер, која се смета за втора најмоќна личност во земјата и ужива силна поддршка во рамките на Работничката партија на Кореја и воениот естаблишмент.
Според него, Ким Јо-џонг би можела да се обиде да ја преземе власта во случај на смрт или неспособност на нејзиниот брат, а со оглед на минатите практики на династијата Ким, секој потенцијален конфликт „веројатно нема да биде без крв“.












