Килограм пченица чини колку мастика за џвакање

Земјоделците не се задоволни од откупната цена на пченицата, која годинава изнесува 12 денари за килограм. Велат дека цената на пченицата е иста како пред 10 години, кога цената на вреќа ѓубре беше 380 денари, а сега е 2.500 денари, а цената на нафтата беше 17 денари за литар, а сега е 70 денари за литар. Калкулациите на НФФ покажуваат дека еден килограм пченица со транспорт до мелница чини 15 денари. Поради тоа, оттаму бараат откупната цена да биде 18 денари за килограм. – Не може пченицата, која е стратешки производ, да се продава колку едно јајце или една мастика – вели за весникот ВЕЧЕР Мемет Синани, член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери

1422

Земјоделците и оваа година ќе ја продаваат пченицата под производствената цена, која изнесува 15 денари за килограм. Откупната цена на пченицата годинава, како што најави министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, е 12 денари за килограм, која е далеку пониска од онаа што ја бараат од Националната федерација на фармери, од 18 денари за килограм. Земјоделците велат дека цената на пченицата е иста како пред 10 години, кога цената на вреќа ѓубре беше 380 денари, а сега е 2.500 денари, а цената на нафтата беше 17 денари за литар, а сега е 70 денари за литар. Не може килограм пченица, која е стратешки производ, да чини колку едно јајце или една мастика, велат земјоделците.

– Договорената откупна цена на пченицата од 12 денари за килограм е незадоволителна и далеку од производствената цена, која изнесува 15 денари. Оваа откупна цена од 12 денари за килограм ја имавме во 1993 и во 1997 година, кога цената на вреќа ѓубре од 50 килограми беше 380 денари, а сега е 2.500 денари, а цената на литар нафта беше 17 денари, а сега е 70 денари. Освен тоа, заштитните средства и препарати се поскапени за 300 отсто. Оваа цена не е воопшто прифатлива за производителите и ако продолжи овој тренд на откуп, ќе ја снема пченицата од нивите. Не може пченицата, која е стратешки производ, да се продава колку едно јајце или една мастика – вели за весникот ВЕЧЕР Мемет Синани, член на Управниот одбор на Националната федерација на фармери.

Калкулациите на НФФ покажуваат дека еден килограм пченица со транспорт до мелница чини 15 денари. Поради тоа, од Федерацијата бараат откупната цена да биде 18 денари за килограм.

Синани вели дека мелничарите, како секоја година, и годинава ќе се обидат да им ја спуштат цената на 10 денари, со изговор дека не ги задоволува пропишаните параметри.

– Ни оддалеку не ги задоволуваме потребните количини пченици, кои ги надополнуваме од Србија. Кога имаше два милиона жители, на Македонија и беа потребни 400 илјади тони пченица. Пред десетина години, имавме производство од 330 илјади тони, но кога падна откупната цена на 7 денари за килограм, падна и производството. Пченицата е стратешки производ и е заштитена со закон. Тоа значи ако производствената цена е повисока од продажната, државата е должна да им ја надополни на земјоделците разликата од производствената до продажната и да им обезбеди 25 отсто заработувачка. Но, за жал, ова досега никогаш се нема случено – додава Синани.

Производителите на пченица велат дека ако се земе предвид дека од еден килограм брашно излегуваат три леба, кои чинат над 100 денари, тогаш може да се заклучи колку е ниска откупната цена на пченицата и колку е потценет трудот на земјоделците. Да не зборуваме за цените на белите печива и на бурекот, кои се многу покачени.

Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, истакна дека оваа година првата и втората категорија пченица ќе се откупува по цена од 12 денари, дополнително на оваа сума треба да се платат и транспортни трошоци и ДДВ од страна на мелничарите. Тоа значи дека ако доаѓа пченицата од краеви каде што нема мелници, ќе биде платен дополнително и транспортот. Според него, годинава имаме добри приноси и квалитетот на пченицата е добар и очекува дека Македонија ќе го достигне квантитетот за домашните потреби од околу 300.000 тони.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ