Изгор цени на земјоделските производи деновиве на скопските зелени пазари, за кои не се знае од каде се увезени. Затоа, пак, ако се посетат пазарите во помалите градови низ Македонија, ќе се зачудите и од цените кои се најмалку двојно повтини, но и од квалитетот бидејќи тоа се производи излезени директно од бавча или од нива.  

И статистичките податоци потврдуваат дека цените на зеленчукот и на овошјето се отидени до плафон. Зеленчукот за една година поскапел за драстични 63,3%, овошјето за 33,2%. Вкупниот годишен пораст на цените на растителното земјоделското производство изнесува 39,9%. Земјоделците велат дека овие податоците ја покажуваат реалната слика во државата, односно, дека сме увозно зависни и дека увозниците и дистрибутерите ги диктираат цените

Неготински пазар

Чувство на топлина под прстите кога ја допираш првата зрела праска, мирисот на магдонос што те враќа дома, смокви што те потсетуваат на детството и погледот на тезги полни со боите на летото, овој август може да се видат и да се почувствуваат на зелените пазари. Но, кога ќе прашате за цената на овошјето или на зеленчукот кој мами да го купите, ви се крева косата на главата. Ова особено се однесува за зелените пазари во Скопје каде што зрелите смокви се продаваат за 150 до 200 денари за килограм, среде летна сезона доматите и пиперките се преку 100, 120 денари, а везените пиперки и оние за нижење и сушење достигнуваат и до 200 денари за килограм.

Затоа, пак, на Кванташкиот пазар во Скопје можете да ги најдете овие најчесто купувани земјоделски производи по двојно пониски цени. На пример, килограм смокви чини 100 денари, праска од 40-70 денари, домат од 40-55 денари, пипер од 40-50 денари, или, пак, модрата слива чини од 60 до 80 денари. Меѓутоа, овие цени се однесуваат ако се купи на големо, односно на пакет или на гајба. Но, треба да се има предвид дека поголемиот дел од овошјето и зеленчукот на Кванташкиот пазар во Скопје е од увоз.

Скопјани, особено пензионерите кои се редовни посетители на зелените пазари, се револтирани од високите цени. Велат дека пазарџиите, особено оние препродавачите, си ги ставаат цените како им одговара, а никој не ги контролира.

– Потребни се чести инспекциски надзори на скопските пазари во борба против препродавачите на пазарите кои цените ги покачуваат на кој како ќе му текне. Редовно сум на пазарот Бит-пазар и го гледам тоа. Мора да се стави крај на овој башибозлук, да земаат по 60, а да продаваат по 90 денари. Па, пазарџиите повеќе заработуваат од земјоделците кои се утепуваат од работа, а препродавачите им го „јадат ќарот“, па дури и ги бркаат од пазарот ако ги спуштат цените, им викаат „ни го расипувате есапот“ – вели Беркант М. 

Освен во Скопје, вакви изгор цени има и на зелените пазари во Куманово, Тетово, Гостивар, но ако се помине низ помалите градови како Демир Капија, Неготино или, пак, Градско, можат да се набават овие производи по кванташки цени, или уште поевтино. Така, на зелениот пазар во Неготино килограм смокви чини од 40-80 денари, розов домат и пиперот за пржење можат да се купат за околу 80 денари, праските и јаболката за 60 денари за килограм, исто така и модрата слива со одличен квалитет. Речиси сите што ги прашавме на пазарот во Неготино ни рекоа дека сето тоа е нивно производство од сопствените бавчи и ниви и дека станува збор за производи што ги одгледуваат како за своја душа и трпеза.

– Во дворот имам бавча и фала му на Господ годинава добро роди, има и за нас дома и за на пазар. Пензионерка сум и можам да седам овде на пазарот да продавам. Имам редовни купувачи затоа што знаат дека тоа што ќе го купат од кај мене е здраво – ни рече една повозрасна неготинка.

И статистичките податоци потврдуваат дека цените на зеленчукот и на овошјето се отидени до плафон. Зеленчукот за една година поскапел за драстични 63,3%, овошјето за 33,2%. Вкупниот годишен пораст на цените на растителното земјоделското производство изнесува 39,9%. Земјоделците велат дека овие податоци ја покажуваат реалната слика во државата, односно, дека сме увозно зависни и дека увозниците и дистрибутерите ги диктираат цените.

– Ние немаме доволно земјоделско производство, речиси 90% од земјоделското производство е од увоз. Поради тоа, се поставува прашањето кои домашни земјоделски производи ќе ги купуваат граѓаните. Ако Владата сака да ги врати земјоделците на нивите, треба да има гарантиран откуп, гарантирани цени… Не може откупната цена на краставиците да биде 5 денари, а производствената 22 денари. За да се вратат земјоделците на нивите, пет години треба да имаме добри откупни цени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.

Тој вели дека приносите на пипер се намалени, а кога има помало производство, нормално е да се повисоки цените. Сушата си го направи своето и ги намали приносите по единица површина. И лозарите се на мака – во сезона на трговците на големо им нудат срамни цени од 35 денари за килограм кои не им ги покриваат ни производните трошоци. Бараат од ресорното министерство за земјоделство да преземе нешто за надминување на проблемот со ниските откупни цени.

Според премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најновите статистички податоци рече дека најновите параметри во земјоделството значат повеќе храна, а помалку увоз.

– Во рамките на земјоделството, се случува една појава, параметар што е многу значаен за економијата и за граѓаните но и за земјоделците, бидејќи трошоците при инпутот, односно оние трошоци кои им се потребни на земјоделците за да произведат се зголемуваат за отприлика десет пати помалку отколку цената по која што тие ги продаваат производите – рече Мицкоски. 

Тој појасни дека инпутот, односно оние трошоци коишто ги имаат земјоделците за да произведат одреден земјоделски производ се зголемени за отприлика три проценти, а цената на производот којашто тие ја продаваат е зголемена за повеќе од 30 проценти.

– Затоа велиме инпутот е нешто над три проценти зголемен, а додека пак аутпутот – цената со која земјоделците го продаваат земјоделскиот производ е зголемен за 30 проценти или десет пати повеќе отколку инпутот, и тоа е добро и значи повеќе пари кај земјоделците тоа значи поголем развој во земјоделството, повеќе храна, помалку увоз, така што тоа беше еден од нашите врвни приоритети во таа насока ќе продолжиме како Влада да се движиме – истакна премиерот.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ