Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев би сакал да добие безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави за следните „30, 40 или 50“ години, објави „Украинска правда“.
За време на онлајн брифингот по враќањето од Соединетите Американски Држави и разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, Зеленски рече дека Украина ќе има силни американски гаранции.
„Навистина, сега не е засекогаш. Документот предвидува гаранции за 15 години, со можност за продолжување. Го покренав ова прашање со претседателот и му кажав дека сè уште сме во војна и дека тоа трае речиси 15 години“, рече Зеленски.
Затоа објаснив зошто би сакале безбедносните гаранции да бидат подолг период, рече украинскиот претседател.
Зеленски спомена рокови од 30, 40 или 50 години, наведувајќи дека Трамп рекол дека ќе размисли за тоа, додаде „Украинска правда“.
Во неделата вечерта, Зеленски и Трамп се сретнаа во Флорида, по што американскиот претседател изјави дека „е постигнат голем напредок и дека е договорен околу 95 проценти од мировниот план за завршување на војната“.
По средбата со Зеленски, Трамп најави телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.












