Системот за греење во Киев би можел да биде целосно парализиран, што би ги принудило властите да размислат за евакуација на населението, изјави Богдан Кицак, пратеник од владејачката украинска партија „Слуга на народот“.
Според него, такво сценарио е можно ако проблемите со греењето во главниот град се влошат дополнително.
„Мрежите на цели станбени населби или поединечни згради буквално можат да експлодираат една по друга, што би довело до целосна парализа на системот. Де факто, би останал само еден механизам – евакуација на луѓето и целосна модернизација на инфраструктурата од нула“, рече Кицак во емисија на YouTube каналот Novosti Live, пренесува Спутник.
Тој нагласи дека, засега, нема официјална комуникација со граѓаните за можноста за евакуација во случај на целосно исклучување на системот за греење.
„Не можам да кажам дека сум слушнал јавно да се дискутира за такво сценарио“, рече пратеникот, изразувајќи надеж дека властите ќе обезбедат средства и ќе донесат „реални одлуки“ за решавање на насобраните проблеми.
Во исто време, според украинскиот портал Страна, Киев се соочува со речиси целосно затемнување. Граѓаните објавуваат видеа на социјалните мрежи од станови без струја или греење.












