Киев одговори на предлогот на Путин: Средба во Москва е неприфатлива за Зеленски

32

Предлогот на рускиот претседател Владимир Путин да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Москва е неприфатлив, соопшти украинската влада во понеделник.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека најмалку седум земји, вклучувајќи ги Австрија, Ватикан, Швајцарија и три земји од Заливот, се подготвени да бидат домаќини на средба меѓу Зеленски и Путин, објави „Ројтерс“.

„Ова се сериозни предлози и претседателот Зеленски е подготвен за таква средба во секое време. Сепак, Путин продолжува да ги лаже сите нудејќи очигледно неприфатливи предлози“, објави Сибиха на својот профил на платформата „Икс“.

Порано денес, Путин рече дека не ја исклучува можноста за средба со Зеленски и предложи средбата да се одржи во Москва. „Ако Зеленски е подготвен за средба, нека дојде во Москва“, рече Путин, додавајќи дека „има светлина на крајот од тунелот“, објави „РИА Новости“.

Тој нагласи дека ако преовлада здравиот разум, тогаш може да се постигне договор за тоа како да се заврши војната во Украина на задоволителен начин.

„Во спротивно, ќе мораме сè да решиме воено“, рече Путин, додавајќи дека го информирал американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да се сретне со Зеленски.

Тој изјави дека е можно да се постигне прифатлива опција за завршување на војната, додавајќи дека сите обиди на Русија мирно да го реши украинското прашање биле осуетени.

Тој нагласи дека ја гледа искрената желба на администрацијата на Трамп да го реши украинскиот конфликт и го нарече Зеленски „вршител на должноста шеф на администрацијата на Украина“, пренесува „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ