Киднапирани украински деца биле пратени 9.000 километри далеку од дома, во воен камп во Северна Кореја

1

Според Катерина Рашевска, правен експерт во Регионалниот центар за човекови права на Украина, регистрирани се најмалку два такви случаи. Во американскиот конгресен комитет, во средата, таа рече дека тоа се 12-годишниот Миша од окупираниот регион Донецк и 16-годишната Лиза од окупираниот Симферопол, кои биле испратени во кампот Сонгдовон во Северна Кореја, каде што биле учени да „уништуваат јапонски милитаристи“

 

Општото собрание на Обединетите нации усвои резолуција со која од Русија се бара итно, безбедно и безусловно да ги врати сите украински деца кои присилно ги префрлила или ги депортирала за време на војната во Украина. Резолуцијата, исто така, ја повикува Москва веднаш да ја прекине оваа практика.

За резолуцијата гласаа 91 држава, меѓу кои и САД, додека 57 земји беа воздржани. Против гласаа Русија и уште 11 држави, јавува „Ројтерс“.

– Секој глас за резолуцијата е поддршка на лаги, војна и конфликти. Секој глас против е глас за мир, изјави заменичката на рускиот амбасадор во ОН, Марија Заболотскаја, пред гласањето.

„Киев индепендент“ вчера објави дека има и случаи на деца кои насилно биле префрлени во камп во Северна Кореја. Според Катерина Рашевска, правен експерт во Регионалниот центар за човекови права на Украина, регистрирани се најмалку два такви случаи. Таа го изјави ова пред поткомисијата на американскиот конгресен комитет на 3 декември.

– Дванаесетгодишниот Миша од окупираниот регион Донецк и 16-годишната Лиза од окупираниот Симферопол беа испратени во кампот Сонгдовон во Северна Кореја, на 9.000 километри од дома, сведочеше таа и додаде дека децата таму биле учени да „уништуваат јапонски милитаристи“ и се сретнале со корејски ветерани кои, во 1968 година, го нападнаа бродот на американската морнарица „Пуебло“, убивајќи и ранувајќи девет американски војници.

Од почетокот на целосната инвазија, Пјонгјанг ги зајакна своите односи со Москва, снабдувајќи ја со оружје и распоредувајќи севернокорејски трупи за поддршка на војната на Русија во Украина во 2024 година. Кон крајот на 2024 година, Пјонгјанг испрати околу 11.000-12.000 војници во Русија за да помогнат во одбивањето на напредувањето на Украина во руската Курска област.

Според националната база на податоци „Деца на војната“ на Украина, најмалку 19.546 украински деца се киднапирани и однесени во Русија или во области контролирани од Русија. Се проценува дека илјадници се насилно посвоени од руски семејства, а други, вклучително и сирачиња чии семејства биле убиени од руските сили, се затворени во руски кампови за милитаризација и превоспитување.

– Регионалниот центар за човекови права документираше 165 кампови за превоспитување каде што украинските деца се милитаризирани и русифицирани. Овие кампови постојат на окупираните територии, во Русија, Белорусија и Северна Кореја, додаде Рашевска во своето сведоштво.

Во посебно сведоштво, Натаниел Рејмонд, извршен директор на Лабораторијата за хуманитарни истражувања на „Јеил“, им рече на конгресмените дека организацијата сега проценува дека најмалку 35.000 остануваат во руски притвор, вклучувајќи ги и оние што се испратени да се борат против сопствената земја на фронтовската линија.

Украинските власти проценуваат дека вистинската бројка на киднапирани деца може да биде многу поголема. Народниот правобранител Дмитро Лубинец го проценува бројот на 150.000, додека претседателската комесарка за правата на децата, Дарија Херасимчук, на 200.000 до 300.000. Околу 1,6 милиони украински деца остануваат на териториите окупирани од Русија од 2025 година, покажа неодамнешната истрага на „Киев индепендент“.

Во 2023 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и на руската комесарка за правата на децата, Марија Лвова-Белова за нивната улога во државните акции за киднапирања на деца. На 1 декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека досега се вратени само 1.859 украински деца киднапирани од Русија.

 

ИЗДВОЕНИ