Полицијата и обвинителствата во Тетово и Куманово во еден ден објавија два случаи на насилство врз жени кои длабоко ја вознемирија јавноста.
Првиот случај доаѓа од гостиварското село Равен, каде исчезнувањето на 53-годишна жена од пред неколку дена, на почеток изгледало како необично, но не и загрижувачко отсуство. Синот последен пат ја видел како влегува во автомобил и од тогаш не можел да воспостави контакт на мобилениот телефон.
Снимките од видеонадзорот, нелогичните движења и сомнителните активности на 53-годишен жител на гостиварско Неготино го насочиле истражувањето во друг правец. Кога полицијата извршила претрес кај него дома, неговата сопруга признала дека ја застрерал со пиштол и ги упатила полицајците до местото каде што жената била закопана.
-„СВР Тетово – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против С.М. (53) од с. Неготино, општина Врапчиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ‘убиство’ по член 123 од Кривичниот законик. Имено, на 09.12.2025, Ј.М. (34) од Гостиварско пријави дека неговата мајка Х.А. (53) од с. Равен, Гостиварско, се оддалечила од домот, а подоцна на безбедносните камери забележал дека на 07.12.2025 таа влегува во патничко возило ‘фиат’, по што е недостапна на телефон. Исто така, тој пријави дека на безбедносните камери забележал дека ноќта помеѓу 06.12 и 07.12.2025, С.М. влегол и пребарувал во неговата куќа и дека биле одземени пари од неговата соба. На 11.12.2025 во 02:15 часот, С.М. беше лишен од слобода поради сомнение дека ја принудил Х.А. да замине од домот со него. По преземени мерки во врска со случајот и по извршени проверки на видеозаписи, констатирано е дека пријавениот дал лажен исказ во полициска станица. Воедно, од добиениот листинг на повици утврдено е дека Х.А. последен пат имала контакт со него на 07.12.2025“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
Полицијата трагично ја затвори потрагата по жената, сега истрагата треба да ги открие мотивите за убиството.
Во друг случај пак во Куманово, исто на почетокот од месецот, во хотел нападната е жена од страна на повозрасен маж, кој се обидел да ја убие пред очите на нејзиниот неподвижен сопруг. 84 годишниот кумановец на 4 декември утрото влегол во хотелот искористувајќи го моментот на влегување на друг гостин. Тензијата настанала уште пред тој да влезе во собата каде престојувале, а која очигледно насилникот ја знаел од претходно.
„Кога го видела, таа станала и тргнала кон вратата од собата за да го спречи да влезе, но во тој момент осомничениот извадил нож и со него ја удрил во пределот на главата. Во момент кога му паднал ножот, оштетената успеала да се тргне и на висок тон почнала да вика и да бара помош, па од другата соба излегол нејзиниот син и го спречил осомничениот“, стои во соопштението.
Жената успеала да реагира и да побара помош, а синот – кој бил во соседната соба – веднаш притрчал и го спречил напаѓачот да продолжи. Брзата реакција веројатно го спасила нејзиниот живот. На осомничениот му е определен притвор, а истрагата ќе треба да даде одговори за мотивите и околностите што довеле до нападот. (П.А.)












