Високи партиски извори велат за ВЕЧЕР дека кандидат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е доктор Александар Јовановски, кој пред четири години, во 2021 година, во првиот круг од локалните избори имаше најмногу гласови, но загуби во вториот, од актуелниот градски татко, Фатмир Дехари. Високи партиски извори од СДСМ неодамна потврдија дека е можно да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, доктор Јовановски, но дека сè уште се размислува, бидејќи, според тие извори, дел од раководството на партијата смета дека тие мора да понудат кандидат. Кичево, град што е многу специфичен по етничката карта, можно е да ги обедини лутите политички ривали
Најголемата владејачка партија, на локалните избори во октомври, влегува во борба за освојување на Кичево. Ова го потврди и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер, Христијан Мицкоски, кој сè уште не сака да го открие идентитетот на нивниот кандидат.
Високи партиски извори велат за ВЕЧЕР дека се работи за доктор Александар Јовановски, кој пред четири години, во 2021 година, во првиот круг од локалните избори имаше најмногу гласови, но загуби во вториот, од актуелниот градски татко, Фатмир Дехари.
Со свој адут за Кичево ќе настапи и владиниот коалициски партнер „Вреди“, од каде што официјално е потврдено дека актуелниот министер за социјала, Фатмир Лимани, ќе ја бара довербата од граѓаните. Оттаму викендов, на Централното претседателство, ги разгледаа кандидатурите за претстојните локални избори.
Кичево, град што е многу специфичен по етничката карта, можно е да ги обедини лутите политички ривали. Високи партиски извори од СДСМ неодамна потврдија дека е можно да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ – доктор Јовановски, но сè уште се размислува бидејќи, според тие партиски извори, дел од раководството на партијата смета дека тие мора да понудат кандидат. СДСМ засега нема кандидати за градоначалници во Тетово, Гостивар, Сарај, Чаир… Доскорешниот министер за здравство, Арбен Таравари, ги повика „Вреди“, ДУИ и Алијанса за Кичево.
– Кичево е типичен пример во кој, за жал, така ќе дојде крајот – да се гласа за Македонец или за Албанец, иако не би сакал така да бидат изборите, туку да се гласа за кандидат – вели Таравари, додавајќи дека е можна соработка меѓу трите партии и во други општини, без притоа да прецизира во кои општини.
Кандидат на „Вреди“ за Тетово ќе биде актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Струга, „Вреди“ го поддржува независниот кандидат Менди Ќира, во Дебар кандидат ќе биде заменик-директорот на УЈП, Фисник Мела, а во Град Скопје го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу. Во Сарај, пак, кандидат на „Вреди“ ќе биде директорот на претпријатието „Номагас”, Мухамед Елмази, директорот на Државните резерви на нафта – Неџмедин Садику во Липково, „Вреди“ ќе настапи во Арачиново со Даут Беќири, во Желино со Блерим Сејдиу, за Теарце ќе се бори директорот на Бирото за регионален развој – Даут Мемиши, во Боговиње го кандидира Фети Абази, а во Брвеница и во Долнени „Вреди“ го кандидира директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани, односно Блерим Ислами од Цернилиште.
– Во оваа пригода ве известуваме дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка. Во разговори сме со неколкумина кандидати и потенцијални, секогаш обидувајќи се да ги понудиме најдобрите имиња за овие општини. Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на „Вреди“ и, како што одлучивме претходно, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Всушност, освен што се кандидати на „Вреди“ и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и на политичката припадност – се вели во соопштението.
Веќе е извесно дека Движењето ЗНАМ ќе биде коалициски адут за Куманово и за скопски Центар. Лидерот и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека по 15 август годинава ќе бидат познати деталите од преговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека се водат преговори за поголем број општини, повторувајќи дека таму каде што немаат свој кандидат, ќе го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
– Куманово и Центар се веќе одлучени, според мене. Што се однесува до другите општини, дополнително ќе бидете информирани. Разговараме за поголем пакет за поголем број општини каде што нашиот коалициски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, со своите коалициски партнери би ги поддржал нашите кандидати во тие општини. Исто така, членството на ЗНАМ и нашите поддржувачи би ги поддржале неговите кандидати во други општини каде што немаме наш кандидат за градоначалник, вклучително и градоначалникот на Град Скопјe – изјави Димитриевски.
И Алијанса за Албанците викендов ги обелодени своите кандидатури. Партиското раководство, по двочасовна дебата во Гостивар, ги избрала тројцата кандидати за градоначалници на претстојните избори: урологот Арсим Далипи за Струга, Илиријан Фетаху за Дебар и Скендер Исуфи за Арачиново.
Ралев: Не знам зошто се занимаваат со мене, јас не сум дел од СДСМ
Архитектот и универзитетски професор Мишко Ралев со реакција по обвинувањата од СДСМ откако беше најавено дека ќе биде дел од тимот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
Од најголемата опозициска партија, која сериозно размислуваше да го поддржи Ралев како кандидат за градоначалник на Град Скопје, но во последен момент се одлучи за друго име, рекоа дека архитектот учествувал во „личен пазар“.
– Не знам зошто се занимаваат со мене. Јас не сум дел од СДСМ, а тие покажаа и дека не им требам. Јас сум професионалец и слободен човек на добар глас. Мојот избор е мој личен, а чиј е нивниот? Ќе бидам дел од советодавна комисија за урбанизам и архитектура за доброто на градот доколку победи Ѓорѓиевски на изборите. Така што останувам професор и декан на Факултетот за архитектура и дизајн, а оваа активност би била хонорарна – ни рече професорот.