Кичево има сериозна можност да се позиционира како мултимодален транспортен јазол, благодарение на својата стратешка положба, како крајна точка на железничката линија во западниот дел од државата, истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески. Тој говореше на седницата на Регионалната комора со седиште во Кичево, која се одржа во селото Добреноец, нагласувајќи дека актуелната соработка со Владата е историски најповолна и дека треба да се искористи тој момент за интензивирање на економскиот развој.

Пред стопанствениците од Југозападниот и од Пелагонискиот Регион, Азески ја претстави иницијативата за развој на мултимодален транспортен центар што би функционирал како транзитна точка. Според концептот, товарот што пристигнува со железница би се пренесувал со камиони кон Албанија или кон пристаништето во Драч, со што Кичево би добило клучна логистичка улога.

– Овој модел овозможува намалување на трошоците, зголемување на логистичкиот капацитет и намалување на загадувањето преку поголемо користење на железничкиот транспорт. Станува збор за концепт „од врата до врата“ со еден оператор, кој веќе се применува во Европската Унија – истакна Азески.

Тој посочи дека во Европа функционираат над 600 вакви објекти, кои ги поврзуваат производителите и потрошувачите на одржлив начин. Поддршка за иницијативата, како што рече, постои и од државата, но за реализација ќе бидат потребни детална проектна документација и јасно дефинирање на финансиските извори, со можност за јавно-приватно партнерство.

ИЗДВОЕНИ