Германскиот железнички оператор Deutsche Bahn (DB) во среда објави дека бил цел на кибер напад што предизвикал прекини во неговите дигитални услуги. Компанијата соопшти дека таканаречен DDoS напад ги погодил нејзините ИТ системи околу пладне во вторник, предизвикувајќи прекини во информациските системи и алатките за резервација на билети на нејзината веб-страница и во апликацијата Navigator, објави „Дојче веле“.
„Дојче бан“ е постојано изложена на напади врз своите ИТ системи. Тековниот напад, кој се случи во бранови, беше насочен конкретно кон ДБ. Тоа е напад од значителни размери“, соопшти компанијата во среда. Во DDoS напад (дистрибуирано одбивање на услуга), ИТ системот е преоптоварен од огромен број барања од голем број различни извори, што доведува до преоптоварување и, во најлош случај, пад на системот.
Многу вакви напади се сметаат за форма на дигитален вандализам. „Дојче бан“ ги извести корисниците за проблемите во вторник попладне, а до вечерта објави дека системите повторно работат претежно стабилно. Сепак, утрово се појавија нови проблеми, за кои компанијата подоцна потврди дека се резултат на сајбер напад.
„Ги активиравме нашите одбранбени мерки за да ги минимизираме последиците за корисниците“, соопшти „Дојче бан“. „Нема да коментираме за шпекулациите за позадината на нападот. Наш врвен приоритет останува заштитата на податоците на корисниците и достапноста на нашите информации и системи за продажба“, додаде компанијата.
Портпаролката на германското Министерство за внатрешни работи потврди дека компанијата е во контакт со националните власти за сајбер безбедност. „Дојче бан“ е национален железнички оператор во Германија, кој управува со патнички и товарни возови, како и со приградски железници во многу градови.
Германските безбедносни агенции предупредија дека транспортната инфраструктура е главна цел за сајбер и физички напади, особено во контекст на зголемени тензии поврзани со хакерски групи поврзани со Русија и хибридни закани.
Минатата година беше забележана серија напади што „Дојче бан“ ги опиша како „скоро секојдневни“ што започнаа во текот на летото. Исто така, минатата година беа саботирани клучни железнички линии помеѓу Хамбург и Берлин и помеѓу Келн и Дизелдорф.












