Американскиот актер Кевин Спејси ќе се соочи со граѓански тужби за наводни сексуални напади од страна на тројца мажи во Високиот суд во Лондон во октомври 2026 година.
Судот предложи прелиминарен датум на судењето на 12 октомври на рочиштето одржано во среда. Мажите поднесоа тужби тврдејќи дека Спејси ги нападнал во различни прилики помеѓу 2000 и 2013 година, додека актерот категорично ги негира сите обвинувања.
Две од тужбите веќе се формално оспорени, додека Спејси сè уште не поднесе формална одбрана за третата.
Актерот беше ослободен од девет кривични обвиненија за сексуални престапи на неговото судење во 2023 година.
Двајцата мажи кои го обвинија во кривичниот случај, исто така, поднесоа граѓански тужби.
Еден од тужителите, тврди дека Спејси намерно го нападнал во околу 12 прилики помеѓу 2000 и 2005 година.
Другиот кој се сретнал со Спејси за време на работилница во Олд Вик, вели дека претрпел психолошка штета и финансиска загуба по инцидентот во 2008 година.
Спејси беше уметнички директор на „Олд Вик“ од 2004 до 2013 година, што се совпаѓа со тврдењата на тужителите. Третиот маж, Руари Канон, се откажа од правото на анонимност.
Тој тврди дека актерот го допирал за време на забава по прес-конференцијата за претставата „Слатка птица на младоста“ во 2013 година. Тој, исто така, зборуваше за наводниот инцидент во документарецот „Spacey Unmasked“, кој се емитуваше во 2024 година.
Спејси ги нарече неговите тврдења смешни и невистинити.












