Жителите на Скопје, посебно оние повозрасните, со носталгија се сеќаваат на овие објекти во времето кога тие биле посетувани, кога од нив ечела жива музика, се играло попладневен валцер и бараат тие повторно да заживеат. Општина Центар се оградува од „Кермес“, префрлајќи ја одговорноста на Град Скопје, од каде што не одговорија кои се нивните планови за оваа почната и недовршена градба. За познатиот бизнисмен и некогашен скопски градоначалник, Трифун Костовски, кој ја започна изградбата на објектот на местото на култната кафеана, со намера да ѝ го врати стариот сјај, „Кермес“ е лоша приказна за македонската реалност која 19 години стои како сениште. Тој додаде дека сите му ветувале, но никој ништо не направил. – Имам имот, немам тапија – разочарано заклучи Костовски.  

Што се  однесува на поранешниот ресторан „Езерце“, од Општина Центар велат дека е изработен проект за целосно уредување на просторот. Притоа е предвидено оформување на уреден хортикултурен простор и изградба на современ угостителски објект

Ресторанот „Езерце“ во Градскиот парк, некогаш култното место на старо Скопје, не само што претставувало скривалиште од летните горештини туку и место кое се преплетува со природата, место каде што уживале и возрасните и децата. Сега, за жал, овој објект е оставен на забот на времето. И исто така, објектот што почна да се гради и требаше да го замени култниот „Кермес“, 19 години стои како сениште и ја нагрдува околината. Жителите на Скопје, посебно оние повозрасните, со носталгија се сеќаваат на овие објекти во времето кога тие биле посетувани и кога од нив ечела жива музика, се играло попладневен валцер и бараат тие повторно да заживеат.

– Треба да ги реставрираат и двата објекта, „Езерце“ и „Кермес“. Вака на ништо не личат и штета е што се токму во центарот на Градскиот парк – велат постарите скопјани и се надеваат дека новиот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ќе ја поправи оваа грда слика.

Незаборавни неделни пикници на убавата зелена трева на послано ќебе. Сендвичи од дома. Тато и ние три дробни дечиња, чисто и бистро езерце. Уживање, каков Дизниленд.  Денес тоа наликува на апокалипса коментира Томо Стојчевски.
Ленче се сеќава на убавата музика и на веселите моменти кои скопјани ги минувале во овие два локала.

 

– Во наше време, „Езерце“ и „Кермес“, но и „Опатија“, беа најдобри. Спомени ни оставија – додава таа.

За жал, овие два објекта сега наликуваат на руина. Од „Кермес“ останаа само остатоците од градбата. Беше најавувано дека ќе биде обновен, но тоа до денеска не се случи. Тоа го започна познатиот бизнисмен и поранешниот градоначалник на Град Скопје, Трифун Костовски, но не успеа. Местото во Градскиот парк, каде што е започната градбата, сега служи како јавен тоалет. И Костовски како да кренал раце од него.

– Објектот „Кермес“ е лоша приказна за македонската реалност. Тој 19 години стои како сениште. Врховниот суд донесе одлука да се врати маркичката за него. До денеска тоа не се случи. Се сменија пет градоначалници, почнувајќи од  Виолета Аларова, Владимир Тодоровиќ, Андреј Жерновски, Саша Богдановиќ и Горан Герасимовски, Општина Центар не најде решение за објектот за да го вметне во Деталниот урбанистички план. Град Скопје нема никакво влијание за него – изјави за весникот ВЕЧЕР, Костовски.

Тој додаде дека сите му ветувале, но никој ништо не направил.

Имам имот, немам тапија разочарано заклучи Костовски.

Од Општина Центар се оградуваат од надлежноста за „Кермес“, префрлајќи ја одговорноста на Град Скопје, од каде што не одговорија кои се нивните планови за оваа почната и недовршена градба.

Сѐ до земјотресот во 1963 година летната бавча „Кермес”, сместена на самиот влез во Градскиот парк, била една од најпривлечните кафеани во Скопје. Тука, под дебелите сенки на јаворите, во семејна или пријателска дружба, при богата скара и жива музичка изведба, граѓаните до доцните ноќни часови уживале во живописниот амбиент.

По катастрофалниот потрес, поради тешките оштетувања, објектот е напуштен и со децении служел како прибежиште на бездомници и на наркомани, често изложен на разни опожарувања и неповратни уништувања.

Иако се наоѓаше на само педесетина метри оддалечност од кабинетите на скопските градоначалници и на нивните административни служби, и беше прв поглед на странските делегации дојдени во посета на градот, ниту локалната ниту централната власт не покажаа интерес и желба барем да го расчистат тој запуштен простор, ако веќе не сакаат да го обноват некогашното омилено катче на скопјани.

Македонскиот бизнисмен Костовски неколку години пред неговиот избор за градоначалник на Скопје, реши да инвестира во обновата на „Кермес”, со целосно зачувување на неговиот архитектонски изглед, односно, кога по добивањето на сета урбанистичка документација започна изградбата и беа поставени темелите на новиот објект, градбата беше стопирана со бесмислено образложение, дека наводно „Кермес” претставувал културно-историска знаменитост за градот и како таква уживала посебна законска заштита.

Всушност, откако Костовски како независен кандидат беше избран за градоначалничката функција, неговите политички опоненти во тогашната централна и локална власт, активираа непостојна урбанистичка забрана, со цел да ја спречат реализацијата на започнатиот проект. Така, повеќе од две децении, без никаков судски епилог, просторот кај некогашниот „Кермес” стои целосно запуштен, обраснат во треви и градежен шут, со бетонски столбови што се распаѓаат, без одговор дали некогаш ќе излезе од прегратките на политичкото слепило и повторно ќе ја поврати својата атрактивна привлечност.

Што се однесува на поранешниот ресторан „Езерце“, од Општина Центар велат дека е изработен проект за целосно уредување на просторот.

– Наместо сегашната руинирана слика, предвидено е оформување на уреден хортикултурен простор и изградба на современ угостителски објект – новиот ресторан „Езерце“, кој повторно ќе стане култно место за дружење и уживање на скопјани и на посетителите –  тврдат  од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека според урбанистичкиот план, на локацијата е предвиден угостителски објект со површина од 249 квадратни метри, кој ќе се вклопи во градежната парцела со површина од 1.255 квадратни метри.

– Земјиштето е сопственост на Општина Центар, што овозможува проектот да се реализира со целосна контрола и грижа за јавниот интерес. Реализацијата на овој проект е дел од програмата за новиот четиригодишен мандат – нагласуваат општинските власти.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ