Ќерка ми не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии

Потресни сведоштва на мајка, сопруг, син лекувани со несоодветна терапија на Онкологија

949

Јавноста слушна потресни сведоштва од најблиските на тројца починати пациенти за кои обвинителството докажува дека биле лекувани со несоодветна терапија од страна на обвинетите онколози на државната клиника на продолжението од судењето за случајот „Онкологија“.

Откако обвинетата докторка Мери Пешевска ја призна вината, од обвинителна клупа се бранат поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев и неговите колеги, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски. Судијката Снежана Марковска ги повикуваше сведоците еден по еден – мајка, сопруг, дете на починатите пациенти кои во неколку минути во судницата ја прераскажаа тешката судбина на изгубените за кои обвинителството тврди дека биле несоодветно лекувани.

Неиздржливи биле секундите на бол и очај што терапијата ги предизвикала кај нејзината ќерка, искуството со докторот Васев и Пешевска низ солзи го сподели естрадната уметничка, Јулија Мациевска, мајка на починатата Адријана Начевска, која почина пред три години. Тешко ѝ беше да ги навраќа лошите спомени од деновите кога нејзината ќерка не можела да ја издржува имунолошката терапија на која инсистирал докторот Васев, кому му ја наклониле целата доверба.

На крајот, младата жена починала од вештачки метастази на црниот дроб, иако претходно била излечена од карцином на града. Лекувањето почнало со примање на хемотерапија, кое нејзината ќерка храбро го издржала, а во докторот гледала светец кој ветувал надеж за живот.

Иако немала доволно килограми, Адријана сепак ја примала целата доза од хемотерапијата. На почетокот, онколозите биле љубезни, одговарале на телефонските повици од очајната мајка која ја гледала ќерката како се мачи по секоја доза од хемиската течност,и навистина таа ја издржала стоечки. Но, вистинскиот хорор почнал кога докторот Васев настојувал да почне со имунолошката терапија, состојбата се влошила ама и докторскиот однос кога загрижената мајка му воочувала дека здравјето на Адријана се влошува по секоја доза.

– Не можам да кажам дека тие не беа љубезни на почетокот, вербата беше во него голема и чиста, го сакавме од срце. Тие беа нашите спасители. Ја истурка хемотерапијата и ние бевме пресреќни. Доктор Нино рече ќе продолжиме превентивно со имунотерапии. Не ни се посочи дека нешто специјално ѝ се правело за имунотерапија. Уште тогаш го прашав, нели може да се одмори малку детето, да се исчисти од таа хемија, бидејќи е подобра. Тој ни рече не се секирај, ние му верувавме, додека Мациевска сведочеше во судот, обвинетиот Васев без никаква реакција на лицето седеше и молчеше во обвинителната клупа.

Мајката на починатата пациентка, чие досие го анализираа онколози – вештаци од Србија и од Словенија на барање на ОЈО, се присетуваше на моментите на болка од терапијата, повраќала, имала температура ѝ течела крв од носот. На секое алармирање кај докторот Васев тој се поставувал авторитативно.

– Кога се сеќавам на тие моменти, ми се враќа филмот. Кога ќе се сетам, вие молите, а од другата страна гледате авторитет. На почетокот верувавме, но како мајка која е многу свесна, едноставно, јас го прашувам нешто сериозно, а тој го одбегнува моето прашање. Моето дете сакаше и веруваше дека ќе биде добра, рече Мациевска и продолжи да се сеќава на последните битки кои нејзината ќерка ги водела со неподносливата терапија.

Стомакот почнал да ѝ отекува бидејќи ѝ се полнел со вода, просто ќе експлодираше, се вознемируваше сведокот од она што го кажуваше. Мајката почнала да се прашува што се случува со организмот на Адријана, на која по секоја имунотерапија стомакот ѝ се подувал и морала да оди на дежурства да ја испразнат од течноста. Сомневањата дека нешто не е во ред со терапијата се засилиле кога еден ден отишле на гастро и доктор оттаму им кажал дека состојбата не е добра и оти црниот дроб ѝ е оштетен со вештачки метастази од несоодветна терапија.

– Кога ќе ѝ дадеа терапија, јас ѝ велев дека е како отров за глувци и да ја фрлиме. Ќе му кажеме на Нино дека вака не може, ама таа се плашеше, може после нема да бидат љубезни со нас. Таа беше многу нежна и му веруваше на Нино. Му се јавував, докторе, детето паѓа во несвест. Тој цело време ми велеше дека се паничам. И Мери ми вика, може да ѝ отечат рацете и нозете, а она во стомакот полна вода, ќе експлодира. Ќе дојдете, ќе извадиме и тоа е, се присетуваше мајката на сликите кога гледала како ваделе и по десетина литри од телото на нејзиното дете.

– Тоа се такви страшни болки кога ве пунктираат, а таа само трпеше. Постојано ми велеше, на градата немам ништо, мене ми е проблем стомакот, Мациевска и до ден-денеска се сомнева дека ќерката била предозирана со терапијата. Сподели моменти на неиздржливи болки што ги преживувала Адријана, а докторот Васев се однесувал бесчувствително, раскажувал вицови. Кога веќе се броеле деновите до најстрашната судбина, докторите никаде ги немало, ноншалантно и арогантно ѝ соопштиле дека нема повеќе да живее.

– Тоа беше тивко убиство. Таа не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии, заврши мајката на починатата Адријана, која побара материјална штета за да ја донира за болните од канцер. – Знаел што прави, но некаде по пат ја изгубил човечноста. Мациевска побара одговорност од докторот кому бескрајно му верувале.
Во продолжение посведочија и уште двајца, син на почината жена и сопруг на жена, и двајцата пациенти под третман на докторот Васев.

На претходното рочиште, обвинетиот онколог рече дека не се чувствува виновен и дека против него се прави заговор. Неговиот адвокат смета дека ОЈО нема докази за случајот и дека повикувањето на вакви сведоци бил единствениот начин да се покаже оти имало нешто. Најавија дека ќе го оспорат вештачењето направено од онколог во Словенија, кој не бил во регистарот на вештаци.

Обвинението ги товари онколозите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на здравствената состојба.

Васев в петок повторно ќе биде донесен од истражниот затвор Скопје, но за друго судење, во кое заедно со поранешниот економски директор на Клиниката се обвинети за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ