Во второто тримесечје од годинава, најголем број непополнети работни места, дури 2.008, имало во групата занимања работници во услужни дејности и продажба, што ги прави келнерите, готвачите, шанкерите, продавачите и сличните професии најбарани на пазарот на трудот.

За да се „бајпасира“ недостигот на угостителски кадар, во текот на летото беше донесено законско решение што овозможува како сезонски работници да можат да работат студентите, пензионерите, невработените лица, но и вработените лица што сакаат да го зголемат семејниот буџет.

– Од 6:00 до 14:00 часот работам во администрација во градежна фирма. Доаѓам дома, ручам, се пресоблекувам и од 17:00 до 23:00 часот одам да мијам садови во еден ресторан. По завршувањето на работата, газдата ми исплаќа 1.200 денари на рака. Овие пари ми се добредојдени, бидејќи сум самохрана мајка на студентка – вели Виолета М.

 

Келнерите, готвачите, шанкерите, собарите, продавачите… се дефицитарен кадар во Македонија. Газдите на објектите што се занимаваат со услужни дејности, продажба и со угостителство се жалат дека имаат недостиг на кадар. На влезните врати на некои ресторани во центарот на Скопје со недели стојат натписите дека се бараат келнери. Најмногу од овој кадар се заминати во Хрватска, Црна Гора, Албанија и во Бугарија, поради многу повисоките плати, кои за сезонска работа се движат од 1.000 евра, па нагоре.

Дека во Македонија недостига ваков кадар, потврдија и од Државниот завод за статистика. Во второто тримесечје од годинава, најголем број непополнети работни места, дури 2.008, имало во групата занимања работници во услужни дејности и продажба, што ги прави келнерите, готвачите, шанкерите, продавачите и сличните професии најбарани на пазарот на трудот. Од ДЗС пресметале дека вкупната стапка на слободни работни места за овој период изнесувала 2,08 %.

Анализата по сектори покажува дека убедливо највисока стапка на слободни работни места има во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна (туризам и угостителство), каде што стапката достигнала 3,77 %. Ова укажува на значителен недостиг на кадар во хотелите, рестораните и во другите угостителски објекти во периодот април-јуни. Најстабилна е состојбата во секторот јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување, каде што стапката е најниска и изнесува само 0,36 %. Гледано по региони, Југоисточниот Регион се издвојува со највисока стапка на слободни работни места од 2,54 %, што значи дека таму побарувачката за работници била најизразена во споредба со остатокот од државата.

Интересен е и податокот дека малите и средните претпријатија имале најголема мака да најдат работници. Деловните субјекти со број на вработени од 10 до 49 лица имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,69 %.

За да се „бајпасира“ недостигот на угостителски кадар, во текот на летото беше донесено законско решение што овозможува како сезонски работници да можат да работат студентите, пензионерите, невработените лица, но и вработените лица што сакаат да го зголемат семејниот буџет.

– Од 6:00 до 14:00 часот работам во администрација во градежна фирма. Доаѓам дома, ручам, се пресоблекувам и од 17:00 до 23:00 часот одам да мијам садови во еден ресторан. По завршувањето на работата, газдата ми исплаќа 1.200 денари на рака. Овие пари ми се добредојдени, бидејќи сум самохрана мајка на студентка – вели Виолета М.

Пензионерот Љупчо Ј. од Аеродром се одзвал на повикот на Општина Аеродром да работи сезонска работа за дневен надоместок од 850 денари. Вели дека пензијата не му е мала, но се чувствува здравствено способен да работи.

– Секој ден ми е рутина: стани од спиење, пазари, прошетај. Кога слушнав за повикот од Општина Аеродром, веднаш се пријавив. Зошто да не, сè уште можам да работам – вели овој пензионер, кој месечно може да се „освежи“ со околу 20 илјади денари.

Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на „Коузон“, вели за весникот ВЕЧЕР дека Македонија веќе ја чувствува кризата од работна сила во угостителството и оти сезонското ангажирање пензионери и студенти нема да го реши проблемот, бидејќи ни недостигаат околу 15 илјади работници.

– Овој потег нема да придонесе многу во покривањето на потребите од работна сила, бидејќи на пазарот во Македонија недостигаат околу 15 илјади работници – изјави Кочовски за весникот ВЕЧЕР.

И оваа сезона, од крајот на март до крајот на октомври, околу 15 илјади Македонци се привремено работно ангажирани во Хрватска, претежно во угостителството, но и во сервисните и во услужните дејности. Во Хрватска, најплатени се готвачите, кои заработуваат од 1.500 до 2.000 евра со работно искуство над 5 години, келнерите во просек заработуваат од 1.100 до 1.500 евра, во одржувањето соби од 950 до 1.400 евра и другите услужни дејности околу 1.100 евра во просек.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ