Кејот на Вардар да стане зелена активна магистрала – симбол на природа, рекреација и спорт

92

Скопските велосипедисти сметаат дека кејот на реката Вардар, која е вековен симбол на градот Скопје, не е целосно достапен и неговиот потенцијал не е целосно искористен.

– Вардар е симбол на Скопје, а неговиот кеј е симбол на природа, рекреација и на спорт – децидни се од групата скопски велосипедисти „На точак“.

Тие предлагаат кејот на Вардар да стане зелен коридор на Скопје и најголема гордост со неговата поврзаност, уредување, чистота, препознатливост, промоција на здравје и затоа бараат железниците  и зградите да се што подалеку.

– Потребна е главна велосипедска магистрала запад – исток, а попатно и пешачка и рекреативна патека со многу рекреативни содржини за сите возрасти. Двете страни на реката треба да имаат ист третман, да се продолжат кон крајните граници на градот (на запад низ Ѓорче до завршетокот на урбаниот дел од Сарај и на исток до границите на Аеродром и Гази Баба со Студеничани и Петровец), како и да се интегрираат во остатокот од велосипедската мрежа преку возливи рампи кон секој мост и конектори кон населените места – образложуваат од групата скопски велосипедисти „На точак“ .

Додаваат дека секој нов мост на реката Вардар мора да биде или пешачко-велосипедски или задолжително да содржи и квалитетно велосипедско решение, покрај автомобилското.

– Кејовите на реката Вардар и другите реки по целата должина треба да дадат примат на зеленилото и на луѓето, а не на автомобилите и зградите – решителни се од „На точак“.  

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ