Кедев: Стојам зад се што кажав, не се само операции, се прават и непотребни томографии

Истрагата на интерната комисија во МЗ имала наоди за случајот бизнис-интервенциите во приватното и јавното здравство

770

Интерната Комисија која ја сочинуваат здравствени и експерти од други области, а беше  формирана од Министерството за здравство по наводите на кардиологот Сашко Кедев, веќе имала наоди за непотребни кардиохирушки интервенции во јавното и приватното здравство, ова за емисијата 360 степени го изјави министерот Азир Алиу и рече дека многу скоро Комисијата ќе излезе со првичниот извештај по направениот мониторинг на осум медицински досиеја. Паралелно, случајот го испитуваат и во Лекарската комора, а препораки треба да дадат и странски експерти од Словенија, Австрија и Италија, ангажирани преку МЗ.

Кардологот Кедев во завчерашното интервју за ТВ Алфа рече дека стои зад се што претходно кажал, односно дека во некои приватни болници се вршеле непотребни кардиохирушки интервенции и оти сето тоа го плаќа Фондот за здравство, односно граѓаните.

-И порано го кажував тоа и пред други здравствени афторитети се со цел да расчистиме со неправилностите. Имаме невидено инвестирање во здравството, но не ги гледаме бенефитите, суштината е да се воведе контрола што ќе резултира со квалитет и со таа контрола ќе ги спречеме неправилностите, изјави Кедев и нагласи дека овие сознанија ги добил дирекно или индирекно од 16  колеги кои го викнале на консултација за медицински случаи.

-Суштината е, според тие докази, многу често во праксата денес, не требало да се прави ништо, тука лекарот да го советува пациентот да го промени животниот стил и да ги следи промените понатаму. Тие докази може да ги евалуираат само експерти, нашата интенција  не е само приватното туку и  јавното здравство каде има непотребни стентирања, се прави се и сешто, а нема контрола. Јас сносам одговорност бидејќи сум учествувал градењето на јавното здравство. Треба  реална контрола не само преку Фондот, на кој му треба и експертска контрола, да се види дали парите одат за реални работи,  и сигурен дека многу финасии ќе се усмерат кон вистинските потреби, вели Кедев и потсетува дека во минатото за една интервенција биле потребни 5 лекарски потписи.

„Ако ја имаме таа контрола, приватните установи ќе работат како што треба“, сигурен е професорот. Тој предупредува на уште еден проблем, а тоа се сите непотребни снимања со изговор дека се прават превентивно. „Не треба да има превентивни снимања ако нема точно утврдена индикација. Нема профит во здравството ако се третираат реални пациенти, нагласува Кедев.

Приватните здравствени институции од 15 септември требаше задолжително да ги отворат базите на податоци за да се следи здравствената патека на секој пациент.Од болниците кои вршат кардиохирушки операции се ЈЗУ Специјална болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, ЈЗУ Универзитетска клиника за државна кардиохирургија, ЈЗУ Универзитетската клиника за кардиологија, ПЗУ „Аџибадем Систина“ и ПЗУ „Жан Митрев“ – Скопје.

Фондот за здравство неодамна ја сподели информацијата дека за овие интервенции во приватните болници годинава се предвидени околу 19 милиони евра. Од МЗ најавија дека извештајот од интерната комисија која го истражува случајот на непотребни интервенции заради профите ќе го објават на интернет страницата на министерството. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ