– За мене, Битола е најпланинарскиот град во Македонија и затоа секогаш првите презентации во татковината ги одржувам во Битола. Ова го правам затоа што имам посебно чувство на респект кон Битола и не само како кон најпланинарски град туку и како кон град што го даде Димитар Илиевски-Мурато, човекот што ја трасираше патеката на искачување на големи височини – истакна д-р Сашко Кедев.
Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, вчеравечер во Битола, во рамките на јубилејот и во знак на голема почит кон постигнатите успеси, на д-р Сашко Кедев му додели плакета за вонредни заслуги

Битола е најпланинарскиот град во Македонија, изјави Сашко Кедев, кој влеравечер му беше гостин на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, здружение што одбележува 90 години од основањето.
Во чест на јубилејот, д-р Сашко Кедев приреди презентација со наслов „14 х 8.000 метри“, низ која со збор и со слика го пренесе доживувањето во текот на освојувањето на 14. највисоки планински врва во светот.
– За мене, Битола е најпланинарскиот град во Македонија и затоа секогаш првите презентации во татковината ги одржувам во Битола. Ова го правам затоа што имам посебно чувство на респект кон Битола и не само како кон најпланинарски град туку и како кон град што го даде Димитар Илиевски-Мурато, човекот што ја трасираше патеката на искачување на големи височини – истакна д-р Кедев.
Низ презентацијата „14х8000 метри“, д-р Кедев пред битолчани потсети дека го затворил кругот на 14. планински врва, бидејќи, како што рече, само затворениот круг е перфектен.
– Само затворениот круг е перфектен, но, можеби, ќе се отворат нови кругови, и не го исклучувам тоа. Основно е: никогаш не вели никогаш. Врвовите се на седум континенти или тоа се т.н. Seven Summits, а тука спаѓа и Еверест, како највисок врв на Азија. Во презентацијата се моите лични искуства, предизвиците и сознанијата до кои дојдов во зоната на смртта. Планината им припаѓа на сите, нема возрасна граница, нема лимит за планинарење. Секој човек може да го најде својот индивидуален лимит и секој може да го најде своето индивидуално прифатливо ниво на ризик – посочи д-р Кедев.
Претседателот на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, Димче Попов, ќе ги заокружи програмските активности посветени на јубилејот 90 години од основањето в недела, со планинарска тура.
– Имавме големо задоволство што успехот на д-р Кедев, кој го затвори кругот на 14. највисоки врва во светот, е презентиран токму во нашиот град и во текот на прославата на нашиот јубилеј: 90 години од формирањето на клубот. Програмата ќе ја завршиме в недела со настан што ни го довери Планинарската федерација на Македонија, а е поврзан со меѓународното одбележување на Денот на планината. До овој момент, пријавени се околу 400 планинари и сите ќе учествуваат на пуштањето на новата планинарска патека, која почнува од селото Цапари до местото викано Пресека, а потоа ќе имаме дружење до Инфо-центарот на Националниот парк „Пелистер“ – најави Попов.
Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, во вчеравечер во Битола, во рамките на јубилејот и во знак на голема почит кон постигнатите успеси, на д-р Сашко Кедев му додели плакета за вонредни заслуги.












