Кардиологот и академик, д-р Сашко Кедев, се повлекол од „здравствениот совет“ што го формираше министерот за здравство Азир Алиу, објави „Канал 5“ повикувајќи се на извори во Министерството за здравство.
Според изворите на телевизијата, тој како причина за повлекувањето го навел застојот што се случил во започнатите контролни процеси околу скандалот што го откри токму д-р Кедев – дека приватни болници во Македонија правеле тешки и скапи операции на срце кај пациенти на кои таквите зафати воопшто не им биле потребни.
За скандалот требаше да почне со работа и комисија составена од странски експерти, но засега од тоа нема ништо. Засега нема потврда дали и кога ќе почнат со работа комисијата со странски експерти за откривање на овој скандал.
Пред пет и пол месеци, во август лани, Кедев изјави дека во некои болници имало пракса да се изведуваат операции на срце од кои пациентите немаат медицинска потреба.












