Утревечер (19 февруари, во 20:00 часот) претставата „Кец на десетка“ ќе одбележи значаен јубилеј: 100. изведба, со што се вбројува меѓу најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар. „Кец на десетка“ и денес живее со истиот интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново, а за тоа се заслужни актерите Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ  

 

– „Кец на десетка“ е единствената претстава во која играм, а која не само што ги задржува истата енергија, ентузијазмот и живоста на ликовите туку и со текот на времето станува сè подобра, поискрена и поинтересна за играње. Верувам дека токму таа искреност на сцената, хемијата меѓу нас и повратниот одговор од публиката се причината што е подеднакво барана претставата и по девет години. И дефинитивно мислам дека нè чекаат уште многу, многу изведби – вели актерката Нина Деан за комедијата што токму вечерва (19 февруари, во 20:00 часот) ќе одбележи значаен јубилеј: 100. изведба и девет години лојална публика, со што се вбројува меѓу најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар.

Оваа претстава, во колективна режија на Драган Спасов-Дац и на Јордан Симонов, и денес живее со исти интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново, а за тоа се заслужни актерите Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ, кои настапуваат на сцената со безрезервна актерска енергија и со посветеност.

Оние што имале можност да ја проследат во изминатите девет години од нејзината премиера, да се соживеат со приказната и да се насмеат на  комичните ситуации во едно семејство (кое може да се поистовети со многу други), велат дека „Кец на десетка“, не само по сто туку и по двесте изведби ќе биде подеднакво интересна и актуелна.

– На самиот почеток бев малку скептичен околу претставата, чиј оригинален наслов беше „Не чукај блиску до срцето“, но Дац ми дозволи да го обработам во она што е денес. Ми се врати вербата и особено ми е мило што публиката ја сака претставата каква што е сега и што толку долго е актуелна и се бара. Во Македонскиот народен театар има претстави како „Госпоѓа министерка“, „Кец на десетка“, „Сомнително лице“, „Народен пратеник“, „Буре барут“, „Не се клади на Енглези“… кои ја доживеале стотата изведба, а некои од нив имале и двесте изведби. Времето ќе покаже дали и оваа претстава ќе ја доживее 200. изведба, но она што можам да го кажам дека е актуелна токму затоа што се работи за фамилијарните односи. Во 90 проценти од семејствата се случуваат такви несакани ситуации – вели Микиќ за весникот ВЕЧЕР.

Самиот драматург во својата белешка вели: „Кога ќе се собере едно сосема нормално семејство за да се запознае со идниот зет, се очекува секој да даде сѐ од себе, да ги смири своите човечки слабости ако ги има, нели, да ги потисне внатрешните проблеми, не толку сјајните карактерни особини, фактот дека, можеби, сте пред развод… Се очекува да ѝ оставите максимален впечаток на другата страна, до степен да се прашува со што ја заслужила таа неверојатна среќа да ве сретне токму вас како прибежиште, како иднина, како судбина… Целта не ви е да ја доведете конкретната персона во заблуда, но доколку персоната се доведе сама, вие не сте виновни! Најважно за таквите ситуации е да не се дозволи ни случајно работите да излезат надвор од контрола, тоа никако не! И затоа секој од присутните треба да направи сѐ што е во рамките на неговите можности за да не дојде до такво нешто“.

Тој посочува дека ситуациите од таков тип имаат силен комичен потенцијал, а темата ни е блиска на сите и во случајот, се разбира, функционира како комедија.

Актерката Нина Деан додава и дека „Кец на десетка“, за неа, е една од најневообичаените претстави во кои играла и игра, затоа што постоела огромна разлика меѓу процесот и крајниот резултат.

– Процесот не ми беше лесен поради сплет на околности и искрено не очекував дека претставата ќе доживее толку многу изведби. Но уште од првата изведба, работите се сменија. Се случи некаква магија – едно чудесно склопување на сите елементи во вистинскиот момент и еве нè денес на стотата изведба.

Токму овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ