Законите им дозволуваат, но јавноста треба да суди колку е етички да се биде кандидат за градоначалник на некоја од општините само една година по изборот за министер или директор на некоја државна институција. Односно, колку може да се извршува одговорната владина функција и истовремено да се прават изборни комунални проекти, да се одржуваат средби со граѓани, митинзи и други партиски активности. Вакви дилеми се поставуваат откако деновиве беше јавно соопштено дека досега двајца министри, но и повеќе други државни именувани функционери ќе видат изборна кампања и ќе си останат во своите фотелји во кабинетите. Најмногу вакви кандидатури досега дојдоа од редовите на коалицијата „Вреди“: вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, веќе објавија дека ќе им се посветат и на кандидатурите за Чаир и за Кичево. Но, нивни кандидат за скопски градоначалник ќе биде директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу, за Дебар заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела, во Сарај кандидат ќе биде директорот на државното претпријатие „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Теарце директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, а во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа Хаќим Рамадани… Значи, низа државни раководители кои и во изборниот период ќе останат на функцијата и за тоа редовно ќе примаат високи плати и покрај дилемата колку ќе може да им се посветуваат на основните функции.
За премиерот Христијан Мицкоски ова воопшто не е спорно бидејќи законот го дозволува тоа.
– Меџити и Лимани не поднесоа оставки. Секој министер има и заменик-министер. Нормално е дека ќе ги извршуваат своите обврски во министерствата, во ресорите каде што се министри и истовремено ќе бидат кандидати. Ова не се случува првпат, честопати се случувало во минатото. Така што, сето тоа што значи нормално функционирање на институциите, ќе продолжи во таа насока – изјави вчера Мицкоски. На прашањето дали е етички и коректно двајцата министри од „Вреди“ и шест директори од таа партија да водат кампања за локални избори додека се на функција, Мицкоски рече дека нема ништо незаконски.
– Дали е етички коректно, ќе се воздржам од коментар. Но, не гледам зошто не би биле кандидати кога тоа е практика и се случувало во минатото. Може да се дискутира дали и тогаш било етички, но факт е дека не е спротивно на законот. Ние можеме само да го почитуваме законот – нагласува Мицкоски.
Вицепремиерот Изет Меџити неодамна, кога соопшти дека ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир, на „Фејсбук“ објави дека „ја напушта Владата и дека се враќа меѓу својот народ“.
– За Чаир, се согласив да ја напуштам Владата и да се вратам меѓу мојот народ. Верувам и сум сигурен дека го направив правилниот избор – наведе Меџити.
Владините извори деновиве соопштија дека промени во Владата може да се случат само по локалните избори доколку некој од министрите кандидати биде избран.
– Сè додека кој било не биде избран на избори, тој е активен вршител на должноста и функцијата што ја има. Дополнително, сите именувани лица имаат свои заменици за да нема застој или неизвршување на обврските – изјавија неодамна од Владата.
Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавните функции именувани од нејзина страна им дозволува да станат кандидати и да водат кампањи.
– Но не смеат да ја загрозат нивната професионалност и достапноста на функцијата, односно, должноста што ја извршуваат, а притоа секогаш приоритет ќе има функцијата, односно, должноста што ја извршуваат. Носителите на извршни функции постојано се достапни и ангажирани за целите на работата и надвор од работното време поради што може да ги користат електронските уреди, телефонските или интернет-врските кои им се доделени за службени цели – пишува, покрај другото во Кодексот.
Но, за правните експерти и поранешни членови на Државната комисија за спречување на корупцијата големо прашање е дали може истовремено да се обавува фукцијата и да се води кампања.
– Оставено е на нивната свест и совест како ќе ја извршуваат функцијата. Тие најпрвин треба да ги известат премиерот и членот на Владата задолжен за етичкиот кодекс за кандидатури. Треба да ја извршуваат својата основна функција во периодот на работното време и да не ги користат државните ресурси надвор од тоа. Но колку сето тоа ќе биде етички треба да суди јавноста. Граѓаните треба да проценат колку е етички само по една година да се остави министерската функција за да се води кампања за градоначалник. Ние порано имавме апсурдни ситуации – функционер во работно време да држи партиска прес-конференција за која вели дека била во пауза на која отишол со службен автомобил, а на таа конференција одговарал и за теми од работата на неговото министерство – изјави за весникот ВЕЧЕР поранешната претседателка на Антикорупциска Билјана Ивановска.
И Вања Михајлова, поранешен член на Комисијата, смета дека ваквото двојство е длабоко неетичко.
– Очигледно е дека откако државни функционери ќе станат кандидати за општинските градоначалници не можат својата основна функција да ја извршуваат со полн капацитет. Извесно е дека и сега ќе има злоупотреби. Недозволиво е, исто така, за тие месеци додека се кандидати и водат најразлични партиски активности да примаат државна плата. Ако не нешто друго, може да се донесе пропис со кој ќе се регулира тие за тој период да не може да примаат плати. Фер кон граѓаните би било да се откажат од функцијата ако веќе решиле да се кандидираат по општините – нагласува Михајлова за весникот ВЕЧЕР.
Таа додава дека односот во стилот „одам – не одам за градоначалник“ е несериозен и неодговорен кон граѓаните. (Б.Ѓ.)
За независните кандидати решението ќе се бара преку одлуката на Уставниот суд
– Мислам дека помина рокот за измени во Изборниот законик. Вообичаено треба да се направат шест месеци пред изборите. Тие се заглавени во процедура, но не очекувам месецов да се обезбеди мнозинство или кворум за такво нешто. Во тој дел на независните кандидати ќе треба да се види како може да се интервенира имајќи ја предвид одлуката на Уставниот суд. Одлуките на уставните судии не се коментираат, така што ние како влада ќе ја почитуваме, па ќе видиме како ќе направиме – рече вчера премиерот Мицкоски, додавајќи дека списокот на кандидатите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде готов до крајот на август.