Обилните врнежи од дожд насекаде во државата предизвикаа проблеми: поплавени подруми, излеани реки, наноси… Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека екипите на регионалните центри интервенирале на повеќе критични локации. На подрачјето на Битола се ангажирани екипи и механизација на јавните претпријатија и на водостопанските компании за расчистување на наносите и за зајакнување на насипите на повеќе делови од речните корита.
– Поради ерозијата на патот кон Пелистер и кај селото Цапари, предложено е привремено затворање на стариот пат Р-106 и пренасочување на сообраќајот по патот А-3 – велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека се зголемени водостоите на реките во Охрид и во Кичево, но дека нема излевање.
– Најризичен е делот кај улицата „Прилепска“ во Кичево, за каде што е побарана општинска интервенција. Во Охрид се интервенира по пријавено поплавување на подруми во населбата Железничка, предизвикано од диво ископани канали – потенцираат од ЦУК, додавајќи дека во Куманово, реката Пчиња накратко излегла од коритото на потегот од Пелинце кон Стрновац, без при тоа да биде предизвикана штета.
Според информациите од ЦУК, се расчистуваат мостовите во Коинце и во Пелинце од насобрани дрвја и отпад, без констатирана опасност за нивната стабилност.
Исто така, на регионалниот пат Македонски Брод – Скопје, преку НП „Јасен“, бил регистриран голем одрон, поради кој сообраќајот бил во прекин.
– Патот е расчистен на едната лента и во тек се активности за целосно обезбедување на трасата – истакнаа од ЦУК.
Поради обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјава изминативе денови, драстично се зголемени нивоата на реките. На некои мерни места, водостојот е речиси осум пати над просечната вредност за ноември. Вчера, водостојот на реката Треска кај Македонски Брод беше 90 сантиметри над нормалата.
И нивото на повеќе други реки е зголемено, и тоа на реката Вардар кај Јегуновце, низ Скопје, Велес и Демир Капија, како и на реката Пчиња кај Пелинце и Катлановска Бања. Пораст на водата има и на Црна Река кај Новаци, на Радика и на Црн Дрим кај Ложани. Исклучок е реката Брегалница кај Берово, каде што е водостојот 12 сантиметри под просекот за ноември.
Поради зголемените водостои на реките, општинските кризни штабови се подготвуваат за интервенции при евентуално излевање и предизвикување поплави. Кризниот штаб на Општина Битола вчера одржа нова работна средба со која раководеше претседателот на Советот на Општината, Бојан Бојкоски. Од Општината информираат дека на состанокот се вршела координација и размена на информации со јавните претпријатија и со другите институции околу преземените активности на терен, како и за активностите на дежурните екипи во текот на ноќта.
– Екипите продолжуваат со континуираната работа и со чистењето на терен на сите критични локации, со механизација, во пресрет на најавените врнежи од дожд во текот на викендот – се наведува во информацијата од одржаниот состанок.
На средбата присуствувале директорите на јавните претпријатија, координаторите на советничките групи во Советот, претставниците на ЈП „Стрежево“, „Водостопанство“, ЦУК, ДЗС, СВР, како и компании и градежни претпријатија, кои во рамките на својата општествена одговорност се ставени на располагање за навремено реагирање на терен со соодветна механизација и со работна сила.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на водата во Дојранското, Преспанското и во Охридското Езеро е стабилно и во рамките на просечните вредности за ноември.
Од УХМР најавуваат дека во Републиката, до недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Утре и в сабота, врнежите ќе бидат пообилни (над 30 л/м² за 24 часа), локално во форма на невреме, со засилен ветер и појава на грмежи. В недела, поради продор на постудена воздушна маса, на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. В понеделник и во вторник, утринските температури значително ќе опаднат.
Во Скопје, до недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, со променлив интензитет. В сабота, во делови од котлината, врнежите ќе бидат поројни и пообилни, со услови за ретки грмежи.
(А. П.)












