Ќе секнат ли бензинските пумпи на „Лукоил Македонија“?

1573

Бензинските пумпи на „Лукоил Македонија“ се снабдуваат со нафтени деривати од најголемата рафинерија во Бугарија – „Лукоил нефтохим“ во Бургас. Парламентот на Бугарија веќе го усвои предлогот со кој привремено се ограничува извозот на нафтени деривати. Во Македонија, „Лукоил“ има мал пазарен удел: учествува со 15 % во нафтениот пазар во земјава, поседува 40 бензински станици и има 550 вработени.

– Во случајот со „Лукоил“, се гледа како на една геополитичка одлука донесена во Вашингтон, која може да има директни последици врз бензинските пумпи во Скопје. Ако самиот „Лукоил“ реши да ги продаде своите меѓународни подружници, вклучувајќи ја и македонската, на тој начин во Македонија ќе биде избегнато нарушувањето на пазарот со нафтени деривати. Но, доколку не биде потврдена зделката, можна е реална продажба на подружницата на македонски сопственик и ребрендирање – вели професорот Дејан Трајковски

 

„Лукоил“ и „Роснефт“ добија привремена лиценца од американското Министерство за финансии за да можат да ги завршат своите постојни бизниси до 21 ноември. Од двете руски компании најавија дека е можно да побараат продолжување на лиценцата.

Од „Лукоил“ деновиве објавија дека договориле да му ја продадат активата на компанијата надвор од Русија на трговецот со енергија „Гунвор груп“, но договорот мора да биде одобрен од Одделот за контрола на странски имот (OFAC) при Министерството за финансии на САД.

Македонската подружница „Лукоил Македонија“ индиректно потпадна под потенцијален ризик од американските санкции, иако формално-правно е македонска компанија, но е во целосна сопственост на швајцарската „Литаско“, која е трговскиот крак на „Лукоил“, како краен сопственик. Во моментов, „Лукоил Македонија“ нема забрани за своето работење.

– Во случајот со „Лукоил“, се гледа како на една геополитичка одлука донесена во Вашингтон, која може да има директни последици врз бензинските пумпи во Скопје. Ако биде одобрена од OFAC продажбата на актива на „Гунвор“ и извршена, работењето ќе продолжи нормално. Но, доколку не биде потврдена зделката, можни се реална продажба на подружницата на македонски сопственик и ребрендирање – вели професорот Дејан Трајковски.

За разлика од Србија, каде што „Газпром њефт“ контролира најголем дел од пазарот со нафтени деривати и не сака да ја продаде својата подружница, во Македонија „Лукоил“ има мал пазарен удел: учествува со 15 % во нафтениот пазар во земјава, поседува 40 бензински станици и има 550 вработени.

– Ако самиот „Лукоил“ реши да ги продаде своите меѓународни подружници, вклучувајќи ја и македонската, на тој начин во Македонија ќе биде избегнато нарушување на пазарот со нафтени деривати. Сепак, случајот со „Лукоил“ покажува дека локалната регистрација на компанија повеќе не е доволна за заштита од американските политички одлуки, а бензинските пумпи во Македонија денес се само уште една сцена на судир меѓу геополитичките сили. Македонските институции (Регулаторната комисија за енергетика и Владата) засега не очекуваат прекин во снабдувањето, но банкарскиот ризик останува главна непозната. Речиси сите меѓународни плаќања во енергетиката се во американски долари и поминуваат преку американски посреднички банки, коимора да ги почитуваат правилата на OFAC – потенцира Трајковски.

Бензинските пумпи на „Лукоил Македонија“ се снабдуваат со нафтени деривати од најголемата рафинерија во Бугарија – „Лукоил нефтохим“ во Бургас, која ја управува „Лукоил“. Парламентот на Бугарија веќе го усвои предлогот со кој привремено се ограничува извозот на нафтени деривати (дизел и авионско гориво) во други земји членки на ЕУ, со цел да гарантира енергетска безбедност на земјата.

Бугарската Влада е загрижена дека санкциите би можеле да ја принудат рафинеријата да се затвори, предизвикувајќи широко распространет недостиг на гориво и протести. Извори од бриселскиот портал „Политико“ соопштија дека официјална Софија тврди дека ова би можело да го забрза падот на Владата, зајакнувајќи ја поддршката за бугарскиот претседател Румен Радев, личност што некои ја сметаат за проруска, и јавно ја иницираше идејата за создавање нова политичка партија. Бугарското Министерство за енергетика одби да ја коментира за „Политико“ оваа информација, исто така и кабинетот на бугарскиот претседател.

Поранешниот бугарски амбасадор во Русија, Илијан Василев, смета дека ова е тактика на заплашување од страна на Владата, со цел да се избегне брза продажба на рафинеријата.

– Постојат легитимни и сериозни интереси за купување на средствата на „Лукоил“ – тврди Василев.

Освен во Бугарија, „Лукоил“ ја поседува и рафинеријата „Петротел“ во Романија, која ги снабдува пазарите во Словачка, Турција и во Унгарија, каде што нејзиниот премиер, Виктор Орбан, исто така, побараа изземање од примената на санкциите на САД. „Лукоил“ има и мрежа од бензински пумпи и терминали низ цела Европа, како и проекти во Централна Азија, Африка и во Латинска Америка.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ