ЕСМ за следната година ќе му продава поскапа електрична енергија на ЕВН Хоме за задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи. Универзалниот снабдувач објави дека прифатената цена на тендерот е 65 евра за мегаватчас и е за три евра повисока од досегашната која изнесуваше 62 евра по мегаватчас.
-ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 доби само една понуда и тоа од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100 отсто од вкупно планираните количини. Оваа цена е повисока за 4,84 отсто од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас,објави компанијата.
Сега на потег е Регулаторната комисија за енергетика, од каде треба официјално да биде потврдено евентуалното поскапување на електричната енергија за крајните корисници, откако ќе се соберат сите параметри, односно цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на ЕВН Електродистрибуција.












