Општина Виница почна со реализација на уште еден проект, насловен „Да ја поканиме природата во нашите градови“, кој се спроведува преку програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија и кој е финансиран од Европската Унија.
Проектот се реализира во партнерство со збратимената Општина Банско, Република Бугарија.
Во Општина Виница, со проектот се планира да се уреди просторот помеѓу Градечка Река и улицата „Кеј 30 Август“ со изградба на пешачка патека во должина од 674 метри и ширина од два метра, да се уреди и опреми со урбана опрема – клупи за седење, канти за отпадоци, да се предвиди дел со зеленило, ниско и високо зеленило и да се постави осветлување со канделабри на сончева енергија.
– На постојната локација, се предвидува да се отстранат оние дрвја и стебла што се веќе дотрајани или оштетени од невреме или од други причини и да се насадат нови, и тоа 14 сребрени смреки, 25 листопадни дрвја (sycamore). Сите стебла што се во добра вегетативна состојба и не се на трасата на патеката, се задржуваат и се вклопуваат во новиот амбиент – информираат од Општина Виница.
Освен тоа, предвидено е да се изврши замена на дотраените рабници меѓу коловозот и тротоарот со нови и да се постави систем за наводнување на зелениот појас и на дрвјата.