Ќе се унапредува дејноста на туристичките водичи во Македонија

40

На иницијатива на Министерството за култура и туризам е формирана работна група составена од претставници од секторот туризам при Министерството, Македонска асоцијација на туристички водичи и продружници, Здружение на туристички водичи ЗТВПМ, како и експерти и претставници од високообразовните институции кои стручно ги квалификуваат идните туристички водичи и придружници.

На првиот состанок на работната група се идентификувани клучните предизвици и е постигнат договор за мерки кои ќе обезбедат унапредување на квалитетот и професионалноста во дејноста на туристичките водичи. Министерот Зоран Љутков нагласи дека инвестирањето во квалитетот и професионалноста на туристичките водичи е еден од најважните чекори за развој и позиционирање на Македонија како конкурентна и атрактивна туристичка дестинација.

Во насока на унапредување на дејноста на туристичките водичи, Министерството за култура и туризам ја зацврстува својата улога како клучна институција во подобрување на условите за работа, едукација и промоција на оваа значајна професија. Во рамките на своите нови ингеренции и преку овие активности, Министерството за култура и туризам ја потврдува својата определба за креирање квалитетна, професионална и конкурентна туристичка понуда, во која туристичките водичи ќе бидат еден од клучните столбови на националниот туристички развој. Туристичкиот водич станува културен медијатор кој го приближува нематеријалното културно наследство до туристите.

Меѓу приоритетните задачи кои се разработуваат се усвојување поквалитетни стандарди за едукација на стручни и професионални водичи, подигнување на квалитетот на туристичките услуги, можности за основање на туристичка инспекција со широки надлежности која ќе ги спречи нелиценцираните водичи и неовластеното вршење на дејноста, со што ќе се заштитат професионалците и ќе се зачува угледот на туристичката индустрија. Координација и усогласување на законската регулатива во насока на јасен и ефикасен правен систем за унапредување и заштита на професијата туристички водич, како и заштита на државата од ширење на невистини и искривување на историјата и културното наследство, со цел зачувување на веродостојноста и интегритетот на културните вредности.

ИЗДВОЕНИ