Ќе се спасува кревкиот екосистем на Преспанското Езеро

74

Со започнување на екопроектот за третирање на атмосферските води со изведба на канализациски системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро, денеска, во Претор беше одбележан Светскиот ден на животната средина. Според генералниот проект, освен во Претор, ќе се изградат мрежи за собирање на отпадните води и постројки за нивни третман и во Стење, Крани, Долно Дупени, Брајчино и во Сливница.

Амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, истакна дека проектот има двојна корист и директно придонесува за зачувување на животната средина.

– Почнуваме многу важен проект за овој регион, а тоа е третирање на атмосферските води, односно изведба на канализациски системи за да се зачува биолошката разновидност околу Преспанското Езеро, бидејќи овој регион треба да ги привлекува сите туристи што доаѓаат овде и кога ќе дојдат туристите овде, да бидат сигурни дека може да се зачува животната средина – нагласи Рокас.

Тој додаде дека има двојна корист од овој проект.

– Од една страна, означуваме завршување на проектот за третирање на канализациските води, а, од друга страна, за третирање и управување со цврстиот отпад. Овој проект придонесува кон зачувување на животната средина – наведе Рокас и порача сите да се борат против пластичниот отпад, кој е во пораст.

Градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, смета дека еколошкиот проект за Претор со туристичката населба и со викенд-населбите е од исклучителна важност за локалната самоуправа, бидејќи ќе овозможи да се зачува чистата природа.

– Овој проект е еден од најголемите во нашата држава, премногу значаен за локалното население, за заштита на животната средина и за туризмот во овој крај. За мала општина, ова е огромен проект. Ќе градиме шест канализациски системи, а инфраструктурниот проект опфаќа и други активности со кои ќе добиеме подобар квалитет на услугите за населението, заштита на животната средина и ќе го унапредиме туризмот во Преспа – изјави Тозиевски.

Претставникот на УНДП во земјава, Армен Григорјан, потсети дека развојната програма на Обединетите нации дваесет години соработува со Преспанскиот Регион, во областа на заштитата на животната средина.

– Во наредниот период ќе се работи на управувањето со отпадните води и цврстиот отпад, со цел да се зачува кревкиот екосистем на Преспанското Езеро и на тој начин да се заштити биодиверзитетот и да се подобри квалитетот на животот на локалното население. Очекувам да се создадат многу подобри можности за економски развој преку туризмот и со нетрпение очекуваме успешно да заврши овој проект и да се остварат сите зацртани цели – најави Григорјан.

ИЗДВОЕНИ