„Државна тајна“, „Строго доверливо“, „Доверливо“, „Интерно“ е степенот на класифицираната информација за откривање на непријателски елементи во државата, а во изјавите од премиерот и директорот на Агенцијата за национална безбедност не беше прецизирано под кој степен на тајност биле белешките во кои се составувала информацијата за таргетираните членови на опозиција, медиуми, бизнисмени… По трите известувања кои се наоѓаат во Обвинителството за организиран криминал, според поранешни разузнавачи, обвинителите можат лесно да постапат преку писмените информации и преку дигитална форензика на логови во системот, кои се трајни и од кои може да се дознае кои активности биле преземени и кон кои лица.
Од ЈОГОКК за весникот ВЕЧЕР велат дека по однос на предистрагата за наводите од нов упад во разузнавачко-безбедносниот систем, се испраќаат барања за „наредба“ до институции кои постапуваат по тие наредби и дека динамиката со која се води случајот не зависи само од Обвинителството.
Опозицијата бара документите од службите да се обелоденат за да може јавноста да суди – дали некој ги злоупотребил или не, тајните служби.
– Доколку АНБ не го направи ова, ќе биде јасно дека тоа ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација. ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика исто како што тоа го прави со сите други сериозни национални прашања. Ова е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, чиј единствен интерес е како да го оттргнат вниманието од проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Добро е што веќе никој не им верува на овие потрошени стратегии од времето на Никола Груевски, кои сега се рециклираат во услови кога Владата нема никаков резултат, напиша Филипче на социјалните мрежи.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат со обвинување за опозициски блеф и велат дека декласификација на документи се врши исклучиво и согласно со закон, во судска постапка и по барање и одлука на надлежните органи, а не по партиска нарачка.
– Со оглед на тоа дека за сите информации поврзани со незаконското работење во АНБ е веќе известено ЈО, понатамошното постапување останува во нивна надлежност. Прашањето за декласификација на документи може да биде дел само од постапките што се водат од страна на обвинителството и судот, а не од партиска нарачка на СДСМ. Со овој однос, СДСМ јасно потврдува дека се плаши. Ваквиот однос само ги јакне сомневањата дека тие стојат зад нарачките за следење и прислушување бидејќи преку лажни обиди за „декласификација“ сакаат да ги спасат организаторите, пуштајќи ги доказите во јавност, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев, во телевизиско интервју, објасни дека АНБ може да спроведе мониторинг и без судски налог (кој го дава Врховниот суд, на барање на ЈО) доколку целта преставува закана по националната безбедност. Чулев, кој пред неколку дена го осуди новиот скандал со прислушувањето во период додека со Агенцијата раководеше Виктор Димовски, рече дека обвинителството лесно може да го докаже случајот, уште повеќе ако некои од вработените го признаат делото. Според него, согласно со Законот за класифицирани информации изготвувачот на тајната информација може и да ја декласифицира, и на тој начин граѓаните кои биле предмет на нелегалното следење ќе можат да поведат судска постапка.
Законот за класифицирани информации го регулира ова прашање во членот 18 во кој стои дека: „Со декласификација се врши промена од класифицирана информација во информација која е некласифицирана. Декласификацијата од ставот 1 на овој член ја врши создавачот на информацијата или од него овластено лице за што задолжително ги известува корисниците на информацијата“.
Дополнително, декласификацијата се уредува и со владината Уредба за безбедноста на класифицирани информации, според која, во случајов, предлогот за декласификација може да го даде директорот на АНБ, во случајов тоа е Бојан Христовски.
„Предлогот за рекласификација или декласификација на информацијата се одобрува од страна на создавачот на информацијата, односно лицето кое раководи со органот или лице овластено од него. Предлогот за рекласификација или декласификација писмено се образложува и ги содржи следните елементи: назив на организациската единица и органот кој предлага рекласификација/декласификација, назив и деловоден број на информацијата за која се предлага рекласификација/декласификација, степенот до кој се бара информацијата да биде рекласифицирана/декласифицирана, образложение за причините на рекласификација/декласификација, име и презиме на лицето што го изготвил предлогот… пишува во член 5 од Уредбата. Притоа може да се одреди декласификација по датум, период, настан или време.
Во меѓувреме, во Собранието пратеникот Љупчо Пренџов побара од претседателот на Комисијата за надзор врз работата на АНБ и АР, Скендер Реџепи, кој патем една година, заедно со заменикот нема добиено безбедносен сертификат, да свика итна седница со цел да се разгледаат сомневањата за нелегално прислушување.
– Да утврдиме точен датум за официјална посета во АНБ преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани. Овие случувања веќе предизвикаа силна вознемиреност во јавноста и ги поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност. Токму затоа, обврска на Комисијата е да дејствува одговорно и транспарентно, со цел да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата, рече Пренџов. На ова барање веднаш реплицираше претседателот на Комисијата, Реџепи, кој рече:„Бараат седница на Комисијата за да не се заврши работата.“
– Претседателот на Собранието има можност да свика комисија надвор од моја надлежност. Еднаш веќе го направија тоа во текот на годината. Но јас нема да паднам на нивото да бидам во служба на луѓе кои ќе надгледуваат надвор од мојата можност. Нема никаква логика да бидам во комисија, а без надлежност да гледам класифицирани информации – кажа Реџепи.
Новата афера „големо уво“ беше обелоденета пред неколку дена. Според наводите на премиерот Христијан Мицкоски, во период од 2019 до 2024 година, односно пред промена на власта, нелегално прислушувани биле тој како опозициски лидер, но и новинари, бизнисмени… Ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски, ги отфрли обвинувањата и тврдеше дека во време додека раководел со Агенцијата, Мицкоски не бил цел на обработка. (П.А.)