Вкупно 14 јавни згради и 33 објекти на институции треба да се реконструираат до ноември 2028 година за да станат енергетски ефикасни. На следната седница на Влада, најверојатно веќе во вторник, треба да биде усвоен планот во кој е точно предвидено за кои јавни згради се работи и како, кога и колку треба да се енергетски ефикасни. Реконструкцијата ќе опфати вкупно 102.992 квадратни метри и ќе чини 11,11 милиони евра.
Оваа обврска, според министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, е според неодамна донесениот Закон за енергетска ефикасност и значи усогласување со ЕУ-директивите.
– Од ноември 2025 до ноември 2028 година ќе бидат опфатени 14 згради и 33 институции или вкупно 102.992 квадратни метри со преку 5.000 вработени. Секоја година мора да имаме три отсто реконструкција на јавните згради. Планот помина на Генерален секретаријат на Влада, а се надевам дека наскоро ќе биде и на владина седница. Очекувам планот да се усвои на Влада, во вторник. Предвидено е точно за кои јавни згради се работи и како, кога, колку треба да се енергетски ефикасни – истакна министерката Божиновска.
Законот носи обврска за реконструкција на најмалку 3 проценти од јавните згради секоја година, што значи системски пристап и континуирано подобрување на условите во училиштата, градинките, болниците и административните објекти. Македонија мора постепено да ја обнови и да ја модернизира јавната инфраструктура, а овој процес е веќе започнат.
– При изградба или значајна реконструкција на училишта, градинки и други јавни институции ќе се вградуваат сончеви колектори за топла вода, каде што е технички и економски изводливо. Паралелно, се воведуваат сончеви колектори во јавните институции, мерки за финансиска поддршка на енергетски ефикасни проекти, како и дигитална алатка за следење на заштедите и на резултатите. Јавните институции ќе бидат обврзани да набавуваат производи, возила и згради со највисоки енергетски и еколошки стандарди – вели Божиновска.
Во Македонија треба да се воведе ознаката на становите, како во другите земји, која го покажува степенот на енергетска ефикасност: А, Б, Ц, Д, Е. Божиновска потсетува дека, за ова, Агенцијата за катастар ќе треба да го измени софтверот.
– Сите сертификати за енергетски карактеристики на згради ќе бидат задолжително запишани во Катастарот на недвижности. Општините со помалку од 15.000 жители ќе можат заеднички да развиваат програми за енергетска ефикасност. Само општините со усвоена програма ќе имаат пристап до Фондот за енергетска ефикасност. Ова се само дел од новините што ги носи овој закон. Дополнително, во Министерството имаме посебен сектор за енергетска ефикасност, чија работа е фокусирана на оваа проблематика – нагласува министерката.
Предвидената стратегија ја отвора вратата за големи инвестиции во термичка изолација, енергетски ефикасни прозори, фасади, системи за греење и ладење, како и обновливи извори на енергија: соларни панели, фотоволтаици, геотермални системи.
Споредена со земјите на ЕУ, Македонија е на многу ниско ниво во поглед на енергетската ефикасност. Експертите пресметале дека на нашите постојни згради, вклучително и на новоградбите за греење на годишно ниво им се потребни од 120 до 180 киловатчасови по квадратен метар, додека во напредните земји годишните потреби за греење изнесуваат 60 киловатчасови по квадратен метар кај нискоенергетските згради, 15 кај пасивните, односно нула кај енергетските згради.
Со новиот Законот за енергетска ефикасност, кој беше донесен на последната седница на Собранието, Македонија добива уште една силна законска рамка, усогласена со европските стандарди, која директно ќе придонесе за пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање нови зелени работни места. Македонија во процесот на интеграција со ЕУ мора да ја хармонизира својата законска рамка вклучително и во делот за енергетската ефикасност. Првите чекори се веќе направени со Законот за ратификација на Протоколот од Кјото кон Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, потоа Законот за градба, Законот за енергетика, Законот за градежни производи и Правилник за енергетска ефикасност на градежни објекти, при што се усвоени преку 100 домашни стандарди, идентични со европските.
(С. Бл.)
Со европски пари ќе се реновираат 200 куќи и станови во Скопје, Куманово и Кочани
Станбените згради треба темелно да се реновираат на секои 30 до 50 години, во зависност од квалитетот на градбата. Истовремено, постојните големи префабрикувани згради, особено оние во поранешните социјалистички држави, изградени помеѓу 1950-тите и 1990-тите години, во денешно време не само што страдаат од лош квалитет на конструкцијата, туку и од сериозен недостаток на редовно одржување и реновирање. Овие згради имаат оштетувања и недостатоци во нивната конструкција и обвивка, технички инсталации и енергетска ефикасност.
Во октомври минатата година Европската комисијата донесе одлука да додели повеќе од 380 милиони евра за реализација на 133 нови проекти ширум Европа во рамките на Програмата за активности поврзани со животната средина и со климата „Лајф“, меѓу кои и за обезбедување на енергетска ефикасност на постојните станбени објекти во Македонија. Овие 380 милиони евра претставуваат повеќе од половина од вкупните инвестициски потреби за реализација на проектите, кои изнесуваат 574 милиони евра. Другите средства ќе бидат обезбедени од националните, регионалните или од локалните власти, преку јавно-приватни партнерства, како и од бизнисите и граѓанските организации.
За време на пилот-фазата ќе биде субвенционирано реновирањето на 200 куќи и станови во Скопје, Куманово и Кочани со цел да се обезбеди заштеда на енергија и намалување на емисиите на штетни гасови. За проектот од ЕУ се предвидени речиси 1,2 од вкупно потребните преку 1,26 милиони евра за негова реализација, за што крајниот рок е 30 септември 2027 година. Координатор на проектот е Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ од Скопје.
Кога станува збор за реновирање на постојните станбени објекти, тоа се изведува со темпо од околу еден отсто од нивниот вкупен број, што е далеку под препорачаната стапка за реновирање на ЕУ од пет проценти.