Предвидени се проширување на патарината кај Миладиновци и зголемување на процентот на поминувања за електронска наплата на патарините (таг), најави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Коце Трајановски, при посетата на Куманово, каде што почна рехабилитацијата на регионален пат. Целта е да има што повеќе поминувања со тагови наместо со кеш и со платежни картички.

– Ќе се прави уште една лента од десната страна и со тоа да се зголеми проточноста, тоа е едно од најтесните грла на патарините во Македонија и се надевам дека ќе биде решено за неколку месеци. Подготвуваме нова одлука со која ќе гледаме да имаме што повеќе поминувања на патарините со тагови. Ако сега имаме 35.000 тага, планираме да имаме од 200 до 300.000 тага, слично како во Србија. А и тие да важат и во Србија, Грција, Хрватска. Искрено се надевам дека ќе го направиме тоа до лето, наместо една, да има две ленти со тагови. Целта е да има што повеќе поминувања со тагови, а помалку со картички и со кеш – изјави Трајановски.

ЈПДП ја отвора градежната сезона и во општините, преку рехабилитација на регионалните патни правци што поминуваат низ руралните средини. Трајановски посочи дека се подготвува петгодишна програма за реконструкција на автопатиштата и на експресните патишта, меѓу нив и за реконструкција на автопатот Куманово – Скопје, како и на патот меѓу Хиподром, Петровец и Миладиновци. Годинава почнува и изработката на петгодишната програма за реконструкција на автопатиштата, регионалните, експресните патишта, преку која ќе бидат утврдени приоритетите.

Поточно, годинава за Општина Куманово се планирани 85 милиони денари за рехабилитација на неколку делници, и тоа на патните правци: Бељаковце – Клечовце (35 милиони денари), Пчиња – Вак’в (30 милиони денари) и Куманово транзит, поточно улица „Никола Тесла“ (20 милиони денари).

– Веќе се почнати градежните активности на дел од овие патни правци, поточно веќе се работи на Бељаковце – Клечовце и на улицата „Никола Тесла“, која е транзит низ Куманово, на регионалниот патен правец Куманово – граница со Србија, планирани се отстранување на стариот асфалт и вградување нов слој во должина од 1.450 метри, со променлива ширина од 6,5 до 9 метри, односно околу 10.000 квадратни метри. По завршувањето на овие делници, ЈПДП планира да продолжи со рехабилитација на делницата од селото Пчиња кон селото Вак’в – најави Трајановски.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ