Спомен-собата со сите пишани материјали за аферата „Мис Стон“ треба да биде во Домот на културата во Градошорци, за што Општина Василево доби пари од ЕУ, од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија за реализација на проект за развој на екотуризмот во општините Василево и Кресна во Бугарија. Овие две општини ги поврзува токму Мис Стон, која била грабната на Пирин Планина, сегашна општина Кресна во Бугарија, а била ослободена во Градашорци откако престојувала на повеќе места во Малешевијата
Американската мисионерка Елен Стон, која била киднапирана од четата на Јане Сандански и Христо Чернопеев во 1901 година и која остана позната како Мис Стон, ќе добие спомен-соба со музејска збирка во Домот на културата во Градошорци, каде што ќе бидат собрани сите пишани материјали за аферата „Мис Стон“.
За оваа намена, Општина Василево доби пари од ЕУ, од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија за реализација на проект за развој на екотуризмот во општините Василево и Кресна во Бугарија. Овие две општини ги поврзува токму Мис Стон, која била грабната на Пирин Планина, сегашна општина Кресна во Бугарија, а била ослободена во Градошорци откако престојувала на повеќе места во Малешевијата.
– Проектот на македонска страна предвидува темелна реконструкција на Домот на културата во Градошоци, кој ќе биде енергетски независен и каде што планираме да отвориме туристички информативен центар за промоција на туристичките можности на регионот, мултифункционална сала за одржување културни настани, како и отворање музејска збирка, односно спомен-соба посветена на Мис Стон и нејзиниот престој во прекуграничниот регион во 1901 година – истакна градоначалникот на Василево, Славе Андонов.
Проектот предвидува да се постават на домот нов покрив, фасада, фотоволтаици и ќе биде хортикултурно уреден. Ќе биде набавена и поставена аудиоопрема и техничка опрема во Домот, како и велосипеди што ќе се користат како алтернативно превозно средство до туристичките локалитети.
Целиот проект, насловен „Интеграција на креативен, дигитален, зелен и екотуризам за одржлив развој на територии и заедници во Кресна, Струмјани и Василево“, чини околу 960.000 евра, од кои за партнерите од македонска страна се предвидени околу 345.000 евра.
Од овие пари, освен реконструкција на Домот на културата каде што ќе има спомен-соба и туристички информативен центар, се планира и реализација и промоција на нова туристичка дестинација во Општина Василево. Станува збор за пешачко-велосипедска маршрута насловена „По стапките на Мис Стон“, која треба да биде туристичка атракција со презентација на животниот стил, културата и на природно-историските карактеристики на регионот.
Целиот проект треба да се реализира во рок од две години, а веќе наесен би требало да се реализира првата маршрута „По стапките на Мис Стон“, со промотивни виртуелни видеа за потенцијалот на Василево.
Во Општина Кресна ќе се реконструира поранешниот пионерски дом на планината Пирин, во екоцентарот „Синаница“, каде што ќе се дружат младите од Македонија и од Бугарија, преку кампови насловени „Пријателите на Пирин“.
Токму во Градошорци, по шестмесечна голгота, мисионерката од САД им била предадена на претставниците на Протестантската црква откако бил платен откуп од неколку илјади турски лири за Македонската револуционерна организација.
Примопредавањето на Мис Стон и на нејзината пријателка Катерина Цилка, која се породила додека биле со комитската чета, се случило во селската црква „Свети Никола“ откако, неколку дена, престојувала мисионерката во селото Нивичино, исто така во оваа општина, а била чувана од четата на Атанас Нивичански-Брадата.